Македонија

УАПСЕН ПРИПАДНИК НА ИНТЕРВЕНТНАТА ПОЛИЦИЈА – дал поткуп на колега за да спречи евиденција за влез во земјата 

Уапсен е полицаец од Единицата за интервентна полиција откако тој дал поткуп кај друг колега за да не евидентира влез во државата на македонски граѓанин, соопштуваат од Министерството за внатрешни работи. 

Од таму посочуваат дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје, во соработка со Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР поднесе кривична пријава против А.Б. на работно место виш полицаец во Единица за интервентна полиција при СВР Скопје, поради постоење основи на сомнение дека сторил  кривично дело „давање поткуп“ по член 358 став 1 од КЗ. 

– Според документираните сознанија, пријавениот во текот на февруари и март годинава посредувал кај друг полициски службеник вработен на ГП Долно Блаце, односно понудил и дал поткуп со цел полицискиот службеник да не ја изврши својата службена должност, односно да не евидентира влез во државава на македонски државјанин на ГП Долно Блаце, така што од негова страна евидентиран е турски државјанин – појаснуваат од Министерството за внатрешни работи. 

Пријавениот е лишен од слобода и задржан во полициска станица, а од страна на Основниот кривичен суд Скопје изречена му е мерка претпазливост и забрана за вршење на дејност. 

Воедно ОВККИПС против А.Б. ќе поднесе и предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons