Турските власти минатата година блокирале над 311.000 Интернет страници
Властите во Турција во 2024 година блокирале повеќе од 311.000 Интернет страници, со што е достигнат највисокиот број забрани откако се води ваква статистика, стои во извештај на Турската асоцијација за слобода на изразување (İFÖD), цитиран од Туркиш Минут („Turkish Minute“).
Според извештајот на организацијата, која се занимава со следење на цензурата во онлајн просторот во Турција, над 80 проценти од страниците биле блокирани од Турскиот институт за информации и телекомуникации (BTK). Меѓу институциите што често барале блокирања се наоѓаат и Турската фудбалска федерација (TFF), турското Министерство за здравство и Секторот за тутун и алкохол при Министерството за земјоделство.
Во извештајот се наведува дека покрај бројните блокирани веб-страници, во 2024 година турските власти ограничиле над 17.000 профили на социјалната мрежа X, повеќе од 25.000 видеа на ЈуТјуб (YouTube) и над 30.000 објави на Фејсбук и Инстаграм.