Македонија

Тројца осомничени за загадување на водата за пиење во Гостивар, Обвинителството отвори истрага

Основното јавно обвинителство Гостивар донесе наредба за спроведување истражна постапка против три лица осомничени за тешки дела против животната средина и природата, откако, според истрагата, со нивни постапки била загадена водата за пиење што ја користат жителите на Гостивар и дел од околните села.

Како што соопшти Обвинителството, осомничени се в.д. директорката на ЈП „Комуналец“ – Гостивар, техничкиот раководител на Секторот за технички работи и раководителот на Одделението за водовод, канализација и градежни работи. Тие се сомничат дека соизвршителски ја направиле неупотреблива водата за пиење во преливната комора на системот за водоснабдување.

Според наводите во истрагата, на 25 јуни осомничените им наложиле на вработени во претпријатието да постават три потопни пумпи во канал со површинска вода, кој содржел штетни материи, со цел да го тестираат притисокот на водата. При увид извршен на 16 јули било утврдено дека две од пумпите сè уште работеле и преку потисни црева пренесувале вода од отворениот канал во преливната комора со вода за пиење. Со тоа, според Обвинителството, дошло до мешање на загадената вода со водата од главниот водоснабдителен систем.

Анализите на Институтот за јавно здравје покажале сериозно микробиолошко загадување. Во примероците од каналот биле измерени 2.419,6 колиформни бактерии на 100 милилитри вода, иако максимално дозволената вредност изнесува 50. И во примероците од каптираниот извор биле пронајдени колиформни бактерии, иако според стандардите тие не смеат да бидат присутни воопшто.

Дополнително, анализата на примерок земен од чешма на улицата „ЈНА“ во Гостивар покажала и зголемена концентрација на резидуален хлор – 1,1 милиграм на литар, што е повеќе од двојно над максимално дозволената вредност од 0,5 милиграми на литар.

Обвинителството оценува дека загадувањето предизвикало промени кои не можат лесно да се отстранат и дека постои основано сомнение за сторено кривично дело. Истрагата продолжува, а тројцата осомничени се лишени од слобода. Во текот на утрешниот ден јавниот обвинител ќе одлучи дали ќе предложи мерки за нивно обезбедување пред судот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons