Тренерот на Баерн добива смртни закани по елиминацијата од ЛШ, гневните навивачи и се закануваат дури на мајка му
По шокантната елиминација од Лигата на шампионите од Виљареал, тренерот на Баерн Минхен, Јулијан Нагелсман е цел на гневните навивачи на германскиот тим кои не можат да му простат за неуспехот и му се закануваат дури и со смрт.
Во Минхен и во Германија, сите го видоа Баерн во полуфиналето во ЛШ, а многумина дури очекуваа и освојување на титулата, но фудбалерите на Виљареал успеаја да го шокираат фаворизираниот баварски тим.
Во првиот натпревар Виљареал славеше со 1:0, а во реваншот во Минхен, во 88. минута постигна гол за израмнување (1:1) и ги шокира и фудбалерите и навивачите на Баерн.
Поради шокантната елиминација, Јулијан Нагелсман се најде на удар на гневните навивачи кои му се закануваат на социјалните мрежи, а цел на нивните напади дури е и неговата мајка.
– Јас по речиси секој натпревар сум цел на закани, без разлика дали победуваме или губиме. Вообичаено не ги читам таквите пораки туку само ги бришам. Обично, го читам првиот ред и може да кажам дека голем број на фанови сакаат да ме убијат, но сега и се закануваат и на мајка ми која нема никаква врска со фудбалот. Навивачите сакаат да победуваме на секој натпревар и ако загубиме, веднаш се закануваат со убиство. Како се справувам во ова? Па, баш ми е гајле, луѓето можат да пишиуваат што сакаат, но мора и да размислуваат – открива Нагелсман.
Младиот тренер на Баерн Минхен беше цел на критики и од поранешниот директор на баварскиот тим, Карл-Хајнц Румениге.
– Свесен сум дека по ваков пораз морате да ги поднесете критиките од сите страни. За мене, критиките од Карл-Хајнц Румениге е во ред. Но, поинаква е ситуацијата со 450 закани за смрт на Инстаграм. За среќа не ги читам сите пораки. Свесен сум дека испаѓањето од Лигата на шампионите носи критики – додава Нагелсман.