Трамп: Земјите што одбиваат да го увезат нашето величествено говедско месо се ПРЕДУПРЕДЕНИ
Претседателот на САД Доналд Трамп во четврток изјави дека САД ќе продадат многу говедско месо во Австралија, откако Канбера објави олеснување на ограничувањата за увоз на американско месо. Трамп во објава на социјалната мрежа Трут соушл изјави дека сите земји што одбиваат американско говедско месо „се предупредени“.
„Ќе продадеме многу говедско месо во Австралија бидејќи ова е неоспорен доказ дека американското говедско месо е најбезбедно и најдобро во светот“, напиша Трамп. „Земјите што го одбиваат нашето величествено говедско месо се ПРЕДУПРЕДЕНИ“.
Австралиските власти во среда објавија дека ќе ги олабават условите за биолошка безбедност за американското говедско месо. Сепак, аналитичарите истакнуваат дека ова нема значително да го зголеми увозот бидејќи самата Австралија е голем производител и извозник на говедско месо со цени пониски од американските.
Канбера го ограничи увозот на американско говедско месо од 2003 година поради загриженост за болеста кравјо лудило. Од 2019 година, увозот на месо е дозволен само ако животните не биле во Канада или Мексико, но малку американски производители можеа да го докажат тоа.
Австралиското Министерство за земјоделство сега тврди дека американските системи за следење на добитокот се доволно напредни за да прифатат месо од животни родени во Канада или Мексико, но заклани во САД.
„Австралија неоправдано го ограничува увозот на американско говедско месо со децении“, рече трговскиот претставник на САД, Џејмисон Грир. Тој додаде дека ова е важен чекор во отворањето на пазарот за американските земјоделци и сточари.
Сепак, опозицијата во Австралија е загрижена за последиците за домашниот сектор. „Треба да знаеме дали владата ги жртвувала нашите високи стандарди за биолошка безбедност само за премиерот Албанис да може да се сретне со претседателот Трамп“, рече опозицискиот министер за земјоделство, Дејвид Литлпрауд.
Минатата година, Австралија извезе речиси 400.000 тони говедско месо во вредност од 2,9 милијарди долари во САД, додека увезе само 269 тони од САД. И покрај ова, администрацијата на Трамп со години наметнува високи тарифи на австралискиот извоз – вклучувајќи 50% за челик и алуминиум и 10% за сите други производи, а Трамп сега се заканува со тарифа од 200% за фармацевтските производи.
Австралискиот министер за трговија Дон Фарел изјави дека одлуката за ублажување на правилата нема никаква врска со потенцијален трговски договор. „Не сум сигурен дека ова ќе помогне да се постигне трговски договор“, рече Фарел. „Не го направивме ова за да ги придобиеме Американците. Сметаме дека треба да се согласиме на договор во секој случај.“