Трамп ги пофали Турција и Ердоган
Американскиот претседател Доналд Трамп ја опиша Турција како добро место и го пофали турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган како добар лидер, јавува Анадолија.
Трамп ова го изјави во Белата куќа за време на средбата со кандидатите за амбасадори, каде секој од нив се претстави себеси и земјата за која е номиниран.
Том Барак, кандидат за американски амбасадор во Турција, зборуваше за земјата и ја истакна нејзината историска важност.
„Турција е една од најстарите цивилизации и бара мир, просперитет и безбедносна програма“, изјави Барак.
„Добро место, добар лидер исто така“, додаде Трамп на изјавата на Барак. Трамп ја објави номинацијата на Барак за амбасадор во декември.
Илјадници луѓе веќе една недела протестираат на улиците низ Турција поради апсењето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, кој е главен ривал на Ердоган. И покрај тоа што е во затвор, секуларната опозициска Републиканска народна партија (ЦХП) на Имамоглу во неделата го прогласи за свој претседателски кандидат.