Трамп: Ако продолжи блокадата на владата, ќе има отпуштања
Претседателот на САД Доналд Трамп вчера изјави дека федерални службеници би можеле да бидат отпуштени, а проекти да бидат укинати ако продолжи блокадата на работата на владата, најавувајќи дека почнуваат да пристигнуваат приходи од царините, од кои Американците би можеле да добијат поврат на ср
„Може да има отпуштања, а тоа е нивна вина“, рече Трамп, осврнувајќи се на демократите во Конгресот, коментирајќи го за телевизиската мрежа ОАН неодамнешниот меморандум од Канцеларијата за управување и буџет во кој се споменува можноста за отпуштања. „Можеме да ги укинеме проектите што тие ги сакаа, нивните омилени проекти, кои би биле трајно укинати“, рече тој, додавајќи дека му е „дозволено да укинува работи што никогаш не требало ни да бидат одобрени, и веројатно ќе го направам тоа“.
Работата на федералната влада делумно е блокирана од завчера откако Конгресот не успеа да постигне договор за финансирање, а само основните услуги продолжија. Трамп рече дека приходите од новите царини штотуку почнуваат да пристигнуваат, а на крајот би можеле да достигнат трилион долари годишно. Тој вели дека дел од парите ќе помогнат да се намали националниот долг, за кој рече дека би можел да достигне 38 трилиони долари.
Проценката на претседателот за приходите од царините далеку ја надминува проценката на секретарот за финансии Скот Бесант од минатиот месец дека тоа би можело да биде повеќе од 500 милијарди долари годишно. Според Министерството за финансии на САД, федералната влада има федерален долг од 37,64 трилиони долари.
Републиканскиот претседател рече дека неговата администрација размислува да ги искористи приходите од царините за издавање чекови за поврат на средствата на Американците. „Исто така, би можеле да направиме распределба на луѓето, нешто како дивиденда за американскиот народ“, изјави Трамп за ОАН. „Разгледуваме можеби од 1.000 до 2.000 долари. Тоа би било одлично.“
Блокадата на владата, 15-та по ред од 1981 година, ги запре научните истражувања, извештаите за економски податоци, па дури и некои национални паркови. Најдолгата блокада на владата во историјата на САД се случи за време на првиот мандат на Трамп, поради што многу федерални операции во голема мера биле запрени на повеќе од пет недели.