Судски полицаец и доставувач зеле мито за да „средат“ предмет пред Апелација и пред Врховен
Судски службеници, едниот судски полицаец од скопскиот Кривичен суд, другиот доставувач, завршија во притвор за земање мито за посредување пред Апелациониот суд и пред Врховниот суд, соопшти Кривичниот суд. Тие всушност требало да „средат“ за пресуда од една година, којашто била изречена пред скопскиот Кривичен суд во траење во една година за неовластено производство на оружје.
-Посредувањето требало да биде пред Апелациониот суд Скопје и пред Врховниот суд, а во врска со предмет за којшто Основниот кривичен суд Скопје донел пресуда во која е изречена казна затвор во траење од 1 – една година за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или рапсрскувачки материи од член 396 став 1 од Кривичниот законик – велат од Кривичен.
На судскиот полицаец определен му е притвор од 30 дена уште на 9 април за кривичното дело „примање награда за противзаконито влијание“ поради опасност од бегство, влијание врз сведоци и докази во текот на постапката. За доставувачот кој помагал во цела операција, иако Обвинителството барало затворски притвор, судот му одредил куќен притвор.
-Мерката куќен притвор е определена поради основано сомневање за помагање во извршување на кривичното дело. При донесувањето на оваа мерка, судот утврди дека постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, како и можност за влијание врз сведоци и докази. Против ова решение, јавниот обвинител има поднесено жалба до кривичниот совет на овој суд. И покрај тоа што двајцата осомничени се вработени во овој суд, Основниот кривичен суд Скопје одлучуваше по предлозите поднесени против двајцата осомничени, бидејќи кривичното дело е од лепезата на кривични дела кои се судат во одделението за организиран криминал и корупција, а имајќи ја предвид судската пракса, судот не може да биде изземен – велат од Судот.



