СТОПАНСКА КОМОРА: Запрете го носењето закони по скратена постапка во овој чувствителен момент 

Комората во името на своите членки кои обезбедуваат 50,3 отсто од вкупниот приход, 47,6 отсто од нето добивката и 33,7 проценти од вработените во приватниот сектор, укажува дека не смеат да се носат измени и дополнувања на системски законите без дијалог со засегнатите страни.

Најголемата и најбројна бизнис заедница укажува дека Законот за работните односи е комплексен закон (Устав за работниците), за чии измени и дополнувања е потребна широка јавна расправа, а не нивно донесување во скратена постапка. По доставени бројни реакции од компании – членки на Стопанската комора на Северна Македонија, во врска со Предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, кој е во собраниска процедура, денеска Комората достави Барање до претседателот на Собранието на РСМ Талат Џафери, законодавниот дом да не ги усвои предложените измени и дополнувања на ЗРО, и во иднина законите конечно да се носат низ транспарентен и инклузивен процес со вклученост на засегнатите страни. 

СКСМ многу добро знае за да не се одговори на ова наше барање може да се искористат десетици други правни процедури и акти. Но ако се има волја и одговорност за моментот во кој се наоѓаме предлог законот може да се врати на јавна расправа.   

 Предложено е намалување на максималната горна граница за склучување на договори за вработување на определено време од 5 години на 6 месеци и намалување на крајниот рок за исплата на платите, односно наместо до 15-ти во месецот, платата да се исплаќа до 5 во тековниот за претходниот месец.

Да не се враќаме на периодот (2015 година) кога Собранието донесе 541 закон од кои според податоците од канцеларијата на УСАИД во Македонија 57% се донесени преку ноќ без јавни консултации. При разработка на некое одредено прашање успехот е да се соберат условно кажано сите спротивставени страни, за да седнат и да направат концензус во однос на разликите, со цел да се дојде до правилата кои ќе бидат применливи и јасни за сите. Во спротивно ова би придонело дополнително да се зголеми бројот на работниците кој ќе останат без работа.

Претставниците на компаниите посочуваат и дека фактот дали вработувањето е на определено или неопределено време воопшто не влијае од аспект на остварување на правата од работен однос. Вакво или слично решение како предложеното не може да се сретне ниту во земјите во Регионот (пр. во Србија договорот на определено време може да трае до 24 месеци, во Хрватска до 3 години итн.), ниту пак пошироко во Европа. 

СКСМ смета дека право да критикува има оној кој е подготвен да помогне, а ние сме подготвени на тоа во интерес на државата. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons