Актуелно

Стерјовски за Јуроњуз: На 11 пописи во Албанија немало ниту еден Бугарин, нема да има ни сега 

Една од најгледаните албански телевизии Јуроњуз (euronews.al), емитуваше екслузивно интервју со Васил Стерјовски, претседател на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, во врска со пописот на населението и домаќинствата што утре почнува во земјата, со посебен акцент на издавањето бугарски пасоши.

„Бугарската агресивна кампања, посебно пред пописот, нема да не поколеба и повеќе од убеден сум дека каде и да живееме во Албанија ќе се изјасниме она што сме – Македонци. Ние живеме на границата со Македонија, каде живеат нашите браќа. Еве гледајте на оваа страна се Македонци во Македонија, на другата е исто така Преспа-Грција и таму живеат Македонци. Ние тука сме староседелци, не сме дошле од друго место и затоа не можеме да бидеме Бугари. Во меморијата на Македонците кои живеат во Албанија неизбришливо стојат масакрите кои ги направиле бугарските окупатори за време на окупацијата на Албанија во Првата и Втората светска војни, кога репресиите биле најсилни токму врз Македонците“, вели Стерјовски.

Тој потсетува дека во 2017 година албанската влада и Парламентот го усвоиле Законот за заштита на националните малцинства, кога под силен притисок и условување со членството во ЕУ, владата призна непостоечко бугарско малцинство во земјата.

„Сега проблемот на Бугарија е, што од една страна, ја принуди Албанија да признае бугарско малцинство, но од друга страна, вакво малцинство не фигурира во граѓанската евиденција во Албанија зашто во ниту еден до сега спроведени 11 пописи како Бугарин не се изјаснило ниту едно лице“, посочува тој.

На констатацијата на новинарот дека прашањето со бугарските пасоши кои „сега станаа бизнис во Албанија“, тој одговара дека за Македонците чини пет, а за етничките Албанци 25 илјади евра.

„Јавно сум кажал. Бугарскиот пасош е многу профитабилен бизнис во Албанија, тој е поисплатлив од одгледувањето марихуана во Албанија. За бугарски пасош македонската заедница може да плати пет илјади евра, додека Албанците 25 илјади евра. Во Албанија има илјадници албански државјани кои аплицирале за бугарски пасош, повеќето од нив се со албанско потекло кои овој бугарски пасош го извадиле со наплата на голема сума пари, за да ги користат привилегиите на Европската Унија“, рече Стерјовски.

На прашањето дали Македонците со добивањето на пасош ја негирааат македонската етничка припадност, Стерјовски отсечно одговара „не“.

„Не, никогаш. Македонците, што добиле бугарски пасош, а се малку по број, никогаш не се откажале од македонската националност“, вели меѓудругото тој.

Стерјовски посочува дека последните години, посебно во областите каде што живее македонската заедница, во Пустец, Врбник, Голо Брдо, Гора имаме агресивна кампања за асимилација на Македонците. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons