ССМ за утре најавува штрајк: Во ребалансот нема пари за повисоки плати на цела администрацијa
Ако не се случи тоа, значи Владата не ги почитува законите. Во Законот за минималната плата е предвидено соодветен раст на сите други плати, а дадениот рок за реализација е 6 месеци, велат од ССМ
Сојузот на синдикати најави дека утре ќе излезе на генерален штрајк, ако не седнат на маса со претставниците на Владата за да се договорат за линеарно зголемување на минималната плата од 2.806 денари колку што се зголеми минималната плата.
– Потсетуваме дека во преговорите за нов Општ колективен договор за јавниот сектор беше прифатено дека линеарното зголемување на платите за најмалку 2806 денари, ќе се случи со ребалансот на буџетот, како што бевме убедувани од Владата, но, за жал, се покажува дека тоа било само купување време и играње со судбината на 130.000 работници во државата во време кога економската, енергетската криза и инфлацијата ги јадат работничките плати – велат од ССМ.
Оттаму потенцираат и дека усогласувањето на растот на платите со минималната плата е и законска обврска и треба да се направи во рок од 6 месеци, што значи дека најдоцна до септември, платите во јавната администрација треба да се зголемат за 18,4 проценти.
– Ако не се случи тоа, значи Владата не ги почитува законите. Во Законот за минималната плата е предвидено соодветен раст на сите други плати, а дадениот рок за реализација е 6 месеци. Но, ние апелиравме што побрзо тоа да се случи и да има солидарен, линеарен раст и со тоа што е можно повеќе да им се помогне на тие што примаат мали плати во јавната администрација – велат од ССМ.
Министерот за финансии Фатмир Бесими на новинарско прашање одговори дека „во ребалансот го има она што е дефинирано“.
– Не можеме да предвидиме работи во ребалансот што не се дефинирани. Во тек се преговорите меѓу Владата и Синдикатот – рече Бесими.
Тој порача дека Министерството за финансии не е адресата за протести на синдикатите, ниту е институција која преговара со нив.
– Нашата задача е во однос на политиките – да се обезбедат финансиски средства, да кажеме колку има фискален простор за одржливи политики тоа да се исполни. Вчера друг синдикат имал протести пред Министерството за финансии, но МФ не е адресата. Во фаза кога се работеше ребалансот, немаше завршени преговори или решение, па не можеме да предвидиме работи што не се дефинирани. Од тие причини, кажав дека во моментот се предвидуваат средства што се дефинирани – ефектот на минимална плата и усогласување, како и сите други политиките во однос на плати – 7 отсто во високо образование, по 5 отсто во МВР и здравство, 15 отсто во јавно обвинителство и судство и дополнителни 15 отсто во основно и во средно образование кои беа преговарани во овој период – објасни Бесими.