ССМ: Во државата нема социјален дијалог, туку социјален монолог
Вчера се одржа седница на Економско социјалниот совет за која Министертсвото за труд и социјална политика преку соопштение објави дека има социјален дијалог, дека сите учествуваат и дека функционира социјалниот дијалог во државата, но за жал реалноста е дека социјален дијалог нема, туку има социјален монолог, реагираат денеска од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Според ССМ, Владата не се грижи за вработените, туку ги остава сами да се справуваат со последиците од енергетската и економската криза, а планира да потроши 5 милијарди евра буџет.
Од ССМ обвинуваат за дискриминаторски однос на Владата и Министерството за финансии при зголемувањето на платите на вработените во јавниот сектор.
– Министерот за финансии Бесими, кој не дозволи зголемување на платите на вработените во јавниот сектор, прв постапи по барањето на ССМ од генералниот штрајк со зголемување на платите на вработените во Министерството за финансии, кои ќе добијат 30 проценти зголемување на плата, а наспроти тоа вработените во Министерство за труд и социјална политика, за кои е надлежна министерката Тренчевска, која не се избори да добијат покачување на плата, односно кои добиваат 0 проценти зголемување на плата. Нема одговор ниту на прашањата на ССМ и работниците за причините поради кои во буџетот нема предвидено средства за додатоци на плата, односно има предвидено 0 евра за исплата на истите, како и за тоа кои се причините поради кои во буџетот има предвидено само 27 милиони евра за зголемување на платите за цел јавен сектор, велат од Синдикатот.
Од таму истакнуваат дека владините претставници немаат конкретно образложение на ниту едно прашање на претставниците на работниците, а социјалниот дијалог е сведен на „ќе ги разгледаме вашите барања и на писмено ќе Ви одговориме“.
– Владините претставници не дадоа никакво образложение за донесениот Правилник за постапката за доставување и регистрирање на колективните договори и нивните измени до надлежниот државен орган и начинот на водење на евиденцијата на доставените колективни договори Сл. Весник бр.223 од 19 октомври 2022 година со кој МТСП грубо ги крши одредбите од Конвенцијата бр 154 за колективно договарање,151 Конвенција за работни односи ( јавна служба ) и Конвенцијата 150 за администрацијата на трудот кои се ратификувани во нашата држава и на тој начин се дел од националното трудово законодавство. Иако наведените конвенции, како и добрите практики од демократските држави во нашето опкружување, Европа и светот укажуваат на должноста на националните власти да го промовираат, поддржуваат и охрабруваат колективното договарање и во приватниот и во јавниот сектор, очигледна е тенденцијата на МТСП со ваквиот текст на Правилникот да го попречува, контролира и ревидира колективното договарање и социјалниот дијалог во земјата, наведуваат од Синдикатот во своето соопштение.
Оценуваат дека на овој начин се врши и грубо кршење на правото на синдикално организирање и здружување и дека се дерогира социјалниот дијалог.
– Ваквото толкување од страна на МТСП е преседан во историјата на синдикалното организирање и делување, а ССМ заедно со граѓанските синдикати истиот ќе го оспори пред Уставниот суд и ќе ја информира Меѓународната организација на трудот за прекршените конвенции на МОТ. Владините претставници не дадоа никакво образложение ниту на Планот за фискална одржливост и поддршка на економскиот раст: политики, препораки, мерки и индикатори со заклучоци од 88 седница на Владата со кој се укинуваат колективните договори, се намалуваат платите на вработените во јавниот сектор, се спроведуваат постапки за принудни одмори, се спроведуваат постапки за кратење на работните места и отпуштање на вработени и сл., освен дека нема да има губење на работните места и намалување на платите, а реалноста е сосема спротивна и ги демантира ваквите изјави на владините претставници, е наведено во соопштението.