Еко-свест: Здравјето нема цена, неодговорно е топланите да работат на дизел гориво 

Последните објавени информации кои се однесуваат на одлуката на АД ЕСМ за тестирање на нови мотори со дизел гориво во топланите Исток и Запад во Скопје по 15 ноември се несериозни и непотребни во услови кога природниот гас е опција како енергенс за овие топлани, апелираат од Центарот за истражување и информирање за животна средина Еко-свест Скопје и нагласуваат дека здравјето нема цена.

Од Еко-свест сметаат дека објавата дека во топланите се инсталирани 10 нови пумпи за дизел кои ќе се тестираат по 10 дена во секоја топлана е краткорочно решение кое е спроведено нетранспарентно, а ќе донесе долгорочни штетни последици по здравјето на граѓаните на Скопје.

„Иако веќе втора зима по ред се соочуваме со енергетска криза, одлуките што се носат за нејзино надминување мора да бидат транспаренти и да носат придобивки на долг рок за да не се повтори кризата и наредната година. Заштитата на јавното здравје и животната средина исто така секогаш треба да бидат приоритет во носењето на ваквите одлуки. Топланите Исток и Запад во моментов имаат дозвола да работат само со природен гас. Воведената промена е целосно различна од нивниот нормален режим на работа и претставуваат создавање нова постројка со сосема нови параметри“, соопшти организацијата.

Оттаму додаваат дека топланите немаат опрема за контрола на емисиите од користење на дизел гориво, немаат ни еколошка дозвола која што овозможува такво нешто.

„Од почетокот на ноември веќе секојдневно се надминуваат дозволените вредности на загадувањето на воздухот во Скопје, кое во некои денови е и двојно повисоко од дозволеното. Со користењето на дизел во топланите, дури и само во овој тест период, загадувањето уште повеќе ќе се зголеми“, истакнува Давор Пехчевски, координатор за енергија во Центарот за истражување и информирање за животна средина Еко-свест.

Од Еко свест велат дека веќе постојат технолошко и финансиски лесно достапни алтернативи за загревање на домаќинствата што користат обновливи извори на енергија.

„Инвестициите мора да се пренасочат во овие технологии за да се добие истиот ефект, но без загадувањето на воздухот. Дополнително, на овој начин ќе се избегнат последиците од енергетската криза на долг рок наместо да остануваме зависни од увоз на скапи и високо загадувачки горива.Апелираме дека здравјето на граѓаните нема цена, а кризната состојба не е причина да се носат ад хок решенија, посебно кога во моментот цената на гасот паѓа, а го има како енергенс. Во вакви услови нема потреба ниту за тестирање, ниту пренасочување на производството на дизел со што значително ќе се загади воздухот во Скопје. Истовремено, бараме од Владата и институциите транспарентно да ги носат одлуките за надминување на кризата и пошироко да се консултираат за да се изнајдат најдобрите решенија. Финансиските инвестиции треба да служат за енергетска трансформација, а не за навраќање кон застарени, одамна надминати и загадувачки технологии“, алармираат од Центарот.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons