Србите ги напуштаат сите косовски институции
Најголемата партија на косовските Срби, Српска листа (СЛ) одлучи денеска да ги повлече своите членови од институциите на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Лидерот на СЛ, Горан Ракиќ, кој беше единствен министер Србин во владата на Албин Курти, поднесе оставка од челната функција во Министерството за заедници и враќање.
По денешната седница на партиското раководство, одржана во Звечане во северно Косово, Ракиќ изјави дека е одлучено Србите да се повлечат од сите политички институции – Собранието, Владата и четирите општини кои таа партија ги води, како и од правните институции, полицијата и администрацијата на Косово.
Одлуката уследи по разрешувањето на директорот на полицијата на Косово за северниот регион, Ненад Ѓуриќ, кој одби да ја спроведе одлуката на владата за пререгистрација на возилата со таблички издадени од Србија и опремување со таблички со ознаката РКС – Република Косово.