СПЦ ја призна МПЦ, Цариград води смета и за српските и грчки интереси, смета КНА
По долгогодишен спор Спрската православна црква во понеделникот ја призна Македонската православна црква, јави германската Католична новинска агенција (КНА). Според агенцијата СПЦ ветила најширока можна автономија, но и се коментира дека цариградската Вселенска патријаршија кога ја носела одлуката за МПЦ водела сметка за српските и грчки интереси.
„Синодот на СПЦ во Белград ѝ вети на Македонската црква ‘статус на најширока возможна автономија, односно полна внатрешна самостојност’. На тој начин ќе се врати во целост евхаристиското заедништво кое беше прекинато во 1967 година заради едностраното прогласување автокефалност, односно независност“, оценува КНА, пренесува Дојче веле.
Во информацијата се прецизира дека „Светиот синод на СПЦ не ѝ дал полна автономија на МПЦ” и се потсетува дека „дo сега само цариградската Вселенска патријаршија ја признала изолираната црква – и тоа пред една недела“.
Истовремено, како што е наведено, на Српската православна црква ѝ е дадено правото во рамки на „канонскиот поредок и црковните преданија“ да ги регулира административните прашања помеѓу себе и Црквата во Северна Македонија“, пренесува КНА.
Католичката новинска агенција потсетува дека Цариград водел сметка за српските и грчки интереси и се потсетува дека Цариград во својата одлука од црковното име го исклучил терминот „македонски“ и секоја друга изведба од зборот „Македонија“. Наместо тоа, Вселенската патријаршија на црквата ѝ го даде името „Охридска црква”, заклучува агенцијата.
„Грција има свој регион кој се вика Македонија и инсистира на тоа дека нејзиниот северен сосед не смее да се вика Македонија. А Српската православна црква ја вклучува Северна Македонија, како и комплетната територија на поранешна Југославија, во своја канонска територија, и има свој епископ во главниот град Скопје“, пишува КНА.
Германската Католичка новинска агенција информира дека Вселенската патријаршија во 1920 година ги потчини кон новата Српска православна црква македонските епархии, а дека од 11. дo 18. век Охридската архиепископија била независна, односно автокефална.
Навраќајќи се и потоа на историјатот, се наведува дека „Во1967 година, со активен ангажман на режимот на југословенскиот лидер Јосип Броз Тито. Македонската црква се одвои од Српската патријаршија…, а светското православие новата црква (МПЦ) ја сметаше за шизматичка“