Сонот на Мароко заврши, Франција ќе игра ново финале
Франција избори второ финале во низа и го совлада Мароко (2-0) во полуфиналното соочување на „Ал Бајт“ стадионот во Ал Кор. Фаворитот не дозволи изненадување и стави крај на прекрасната приказна на афричката репрезентација на ова Светско првенство.
Сите тактички замисли на Мароканците паднаа во вода на самиот старт од второто полуфинале. По една мешаница и неуспешен обид на Килиан Мбапе, топката стигна до Тео Хернандез. Бекот на француската репрзентација со акробатски удар го пронајде патот до мрежата и го израдува актуелниот светски првак. Тоа беше одличен почеток за момците на Дидие Дешамп, кои потоа „нагазија“ на топката и чекаа грешка на противничката одбрана до крајот на првиот дел.
Оливие Жиру имаше можност да зголеми, но силниот удар заврши во стативата. Тоа беше втора сериозна закана во краток период за „триколорите“. На самиот крај од првиот дел Мароко можеше да израмни. Хуго Лорис се истакна и го одбрани ударот на Џавад Ел Јамид. Топката со помош на стативата беше расчистена од пред францускиот гол. Тоа беше последното возбудување во воведните 45 минути, од кои позадоволни во соблекувална заминаа француските репрезентативци.
Франција свесно им ја остави топката на противниците. Мароканскиот тим нападна и започна да прави притисок пред голот на Лорис. Одбраната на „триколорите“ во неколку наврати беше тестирана, но на секоја акција одговори со добри интервенции и ја расчисти опасноста. Дешамп си играше со нервите на навивачите, бидејќи одлучи да чека контранапад за потврда на победата. Тоа им овозможи на мароканските фудбалери да дојдат во позиција да доминираат на теренот во одредени периоди.
Сите дилеми беа решени во самата завршница. Франција стигна до втор гол, овојпат стрелаше нововлезениот Коло Муани. резервистот искористи една одбиена топка, по слалом на Мбапе, и со првиот допир ја израдува својата репрезентација. Тука беше крајот на секоја надеж на Мароканците, кои го доиграа мечот достојно, во чест на многубројните навивачи кои пристигнаа во Катар за да ги бодрат.
Големото финале в недела ќе донесе судир на Франција и Аргентина. Во „малото финале“ ден претходно ќе се надигруваат Хрватска и Мароко.