Македонија

Советот за општи работи на ЕУ ја одобри макрофинансиската помош за Македонија

Советот за општи работи (ГАК) на ЕУ на денешното заседание во Брисел ја одобри Одлуката за обезбедување макрофинансиска помош за  Македонија во износ до 100 милиони евра за справување со последиците предизвикани од руската агресија врз Украина. За одлуката за исплаќање на макрофинасиската помош да биде конечно усвоена, таа треба да биде одобрена и од Советот на ЕУ, по што ќе стапи во сила откако ќе биде потпишана од претседателите на Европскиот парламент и на Советот и објавена во Службениот весник на Европската Унија.

Во предлогот на Европската комисија се посочува дека економијата на земјава, која ги започна пристапните преговори со Унијата на 19 јули 2022 година, беше значително погодена од рецесија во 2020 година како последица на ковид пандемијата, како и од енергетската криза предизвикана од руската агресија врз Украина, што придонесе за зголемување на фискалните потреби.

Владата на Северна Македонија покажа силна посветеност за спроведување на понатамошни реформи, фокусирајќи се на клучните области на политиките идентификувани во Заедничките заклучоци од економскиот и финансискиот дијалог меѓу ЕУ и земјите од Западниот Балкан и Турција од 24 мај 2022 година, вклучувајќи ги реформите во судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, доброто владеење и владеењето на правото, се наведува во предлогот.

Според ЕК, оваа макрофинансиска помош треба да ја поддржи надворешната политика на Унијата кон Северна Македонија и посветеноста на земјата на заедничките вредности со ЕУ, вклучително почитување на демократијата, владеењето на правото, доброто владеење, почитувањето на човековите права, одржливиот развој и намалувањето на сиромаштијата, како и посветеност на принципите на отворена и заснована на правила и фер трговија.

Предуслов за доделување на макрофинансиската помош на Унијата треба да биде Северна Македонија да ги почитува ефективните демократски механизми, вклучително и повеќепартиски парламентарен систем и владеење на правото и да гарантира почитување на човековите права. Дополнително, специфичните цели на макрофинансиската помош на Унијата треба да ја зајакнат ефикасноста, транспарентноста и отчетноста на системите за управување со јавните финансии, како и на управувањето и надзорот на финансискиот сектор и треба да промовираат структурни реформи кои имаат за цел да поддржат одржлив и инклузивен раст, создавање работни места и фискална консолидација. Комисијата треба редовно да го следи исполнувањето на тие предуслови од страна на Северна Македонија и постигнувањето на тие цели, се потенцира во Предлогот.

Комисијата посочува дека со цел да се осигура дека финансиските интереси на Унијата поврзани со нејзината макрофинансиска помош се ефикасно заштитени, Северна Македонија треба да преземе соодветни мерки во врска со спречување и борба против измамите, корупцијата и какви било други неправилности поврзани со таа помош.

Дополнително, треба да се предвиди Комисијата да врши проверки, Судот на ревизори да врши ревизии и Европското јавно обвинителство да ги врши своите надлежности во однос на обезбедувањето на макрофинансиската помош на Унијата за Северна Македонија, се додава Предлог-одлуката.

Со ваквата одлука како што наведе Европската комисија, таа застанува покрај Северна Македонија во овие предизвикувачки времиња, бидејќи по руската агресивна војна против Украина, надворешниот биланс на земјата се влоши поради нејзината голема зависност од увоз на гориво и електрична енергија.

Според ЕК, предложената помош ќе придонесе за покривање на финансиските потреби на Северна Македонија во 2023 и 2024 година, поддржувајќи ја и фискалната одржливост и структурните реформи.

Предвидено е помошта да биде исплатена во форма на заеми во две транши, но нивната исплата ќе зависи од реформите на политиките во областите на фискалното управување, даночната политика, управувањето со јавните инвестиции, јавно-приватните партнерства, деловното опкружување, транспарентноста во државната помош, енергетската ефикасност, реформите во судството и борбата против корупцијата, како и од спроведувањето на програмата на ММФ.

Овие реформи ќе ја поддржат Северна Македонија на нејзиниот пат кон членство во ЕУ, се додава во предлогот на Еврокомисијата.

Макрофинансиската помош е дел од поширокиот ангажман на ЕУ за поддршка на земјите кандидати за членство и партнерите од соседството, предвидена како исклучителен инструмент за одговор на кризи при сериозни проблеми со платниот биланс.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons