Славје во Газа и во Израел: „Дајте му Нобел на Трамп“
Во Газа и во Израел се слави по големиот напредок кон мирот во двегодишната војна.
Постигнат е договор меѓу Израел и Хамас за прекин на борбите и ослободување на заложниците и палестинските затвореници.
Неизмерна радост ги исполни улиците на Газа по објавувањето на прекинот на огнот.
Во Кан Јунис, луѓето излегоа на улиците – танцуваа и ракоплескаа од среќа.
Семејствата на заложниците и нивните поддржувачи се собраа во Тел Авив, каде што почнаа да скандираат „Нобелова награда за Трамп“ на Плоштадот на заложниците.
Американските знамиња се вееја на плоштадот, луѓето се прегрнуваа, наздравуваа и славеа.
Семејствата на оние што сè уште се во заробеништво беа видени како плачат и пеат откако се објави веста.
Еинав Зангаукер, мајката на Матан Зангаукер – еден од израелските заложници држени во Газа – објави порака на платформата Икс за можното враќање на нејзиниот син.
„Матан се враќа дома – кај мене, кај сестрите Натали и Шана, кај неговата партнерка Илана, љубовта на неговиот живот“, напиша Еинав Зангаукер.