Скопска топилница по 13 години повторно започнува со работа?
„Скопски легури“, производителот на фероникел, кој не работи 13 години, во комплексот „Рудници и Железарница“ во Гази Баба прави нов обид да го рестартира производството. Паралелно со старото име „Скопски легури во стечај“, формирана е нова компанија „Скопскилегури Аллојс“ со главнина од 22 милиони евра. Директорот е ист – Украинецот Денис Корнијенко, а сопствениците се од Обединетото Кралство.
„Скопски легури“ во 2008 соопшти дека ќе отпушта 700 работници поради непредвидливоста со цената на металите и движењата на пазарот во металуршката индустрија. Во меѓувреме беше направен обид за нова инвестиција, но во 2023 долгот достигна 85 милиони евра.
Во истиот период, деновиве на истата адреса со „Скопскилегури Аллојс“ е основана уште една компанија – „Интернешанал Ресајклинг Енд Фералој Трејдинг“. Сопственик и управител е албанскиот бизнисмен Башким Прогри, кој во Елбасан ја поседува „Карбон Плант“ за производство на паста за електроди за металуршката индустрија за феролегури како фероникел, феросицилиум, фероманган и ферохром. Останати двајца косопственици во „Интернешанал Ресајклинг Енд Фералој Трејдинг“ се Сергеј Дроздов и Андриј Хорбатенко од Украина. Официјалната дејност е трговија со отпадоци и остатоци.
Од она што е познато е тоа дека „Скопски легури“ имаат поднесено барање до Министерството за животна средина во 2022 барање за А-интегрирана дозвола за работа во која пишува дека се планира месечно производство од вупно 6.500 тони феросиликоманган и фероманган Барањето е поднесено поради „пуштање Инсталација во работа после застој“.
За почеток се вели дека е планирано вклучување на една од печките од постојната инсталација во топилницата, а во барањето од „Скопски легури“ велат дека политиката на работа ќе биде создавање на „нула емисии на ЦО2“, иако ќе има отпадни гасови, троска и техничка вода која ќе се излива. Трансформаторското масло, како што е наведено, треба да се регенерира, а индустриската прашина да се филтрира во посебен систем. Би се користела и сопствена депонија од 1,5 хектари.
„Скопски Легури ДООЕЛ е брз и динамичен македонски производител на феролегури и е клучен извозник на производи од феролегури во Европската Унија, Балканот, САД, Турција и земјите од Блискиот Исток. Ова модерно, вертикално интегрирано, извозно ориентирано претпријатие има огромен потенцијал за производство. Поради долгогодишното искуство во работењето на Барање за добивање на А- Интегрирана еколошка дозвола 40 металуршкиот пазар како и високо квалитетното производство, претпријатието се стекна со репутација на доверлив партнер кој ги исполнува барањата на клиентите“,пишува во барањето.
Од компанијата напоменуваат и дека се склучени договори со локални бизниси од кои ќе се снабдуваат со електрична енергија, природен и технички гас, јаглен, мазут, кокс, манганова руда, кварцит, варовник, масла и индустриска вода.
Пред две и пол недели Државниот инспекторат за животна средина направил вонреден ненајавен инспекциски надзор. Од таму соопштија дека претставници на Министерството за животна средина го направиле првиот увид во октомври 2023 и дека во моментот на инспекцискиот надзор „се работи на адаптација во производствениот процес“.
– Правниот субјект е во стечајна постапка, стечаен управник е Маринко Саздовски, а во правниот субјект нема лице задолжено за животна средина, објави инспекторатот.