МакедонијаНајново

Сите бегаат од одговорност, лек за само неколку пациенти со цистична фиброза

Никој ниту презема, ниту чувствува одговорност за луѓето кои умираат поради нефукционалниот здравствен систем. Државата најде пари за неколку најкритични пациенти со цистична фиброза еден ден по смртта на Благојче Илијевски, кој три години го чекаше лекот од јавното здравство.

Надлежните не гледаат одговорност за смртта на Благојче Илијевски, пациент со цистична фиброза кој три години чекаше државата да го купи лекот, за него, но и за останатите пациенти со оваа ретка болест. Зад себе остави ќерка и сопруга.

Одговорност од власта немаше ниту за пожарот во модуларната болница во Тетово каде загинаа 14 лица, за недостигот на хемотерапија за онколошките пациенти, за смртта на Тамара Димовска, девојчето кое почина додека чекаше позитивен одговор од Фондот за здравство, за да се лекува во странство поради тежок деформитет на рбетот.

Ден по смртта на Илијевски, државата најде 2,2 милиони евра за да го купи лекот „Трикафта“ за дел од најкритичните болни од цистична фиброза. Премиерот Димитар Ковачевски рече дека веста силно го погодила, и од спиење станал најрано во последните 23 години. Дознал и дека има и други пациенти во тешка состојба и за случајот ја обвини децениската „комплицирана и неверојатна бирократија“, во државата во која самиот е премиер.

Прстот го впери кон министерот за здравство, Беким Сали, од кој побара да му каже дали може да го продолжи својот мандат. Сали пак на тоа одговори, дека од Министерството за здравство побарале пари од Владата за лекот, ама оттаму биле обезбедени дури вчера, откако почина Илијевски.

Праша и дали премногу време се потрошило на коалициски преговори, додека пациентите чекале лек.

И навистина, додека пациентите со цистична фиброза алармираа за проблемот, во позадина се крчкаа коалициските договори каде клучна е поделбата на министерските места. Сали на ова столче седна кога неговата партија, Алтернатива влезе во владината коалиција, а сосема е извесно дека деновиве ќе стане од него, затоа што синоќа Алијанса за Албанците го потврди својот влез влада, за што ќе добијат свој министер за здравство.

Партиите коалицираат, пациентите чекаат

Но сето оваа најмалку им беше важно на пациентите со цистична фиброза кои тропнаа на секоја можна врата, беа во сите медиуми, и алармираа – дека немаат време за чекање.

„Лекот го бараме од 2020 година. Тогаш Благојче почна со кислородна поддршка, но, не беше постојано на кислород. Само една пациентка имавме која беше на кислородна поддршка повеќе години. Што значи, државата успеа да го турне животот на Благојче во непосакуван правец, и на фамилијата да и се случи неправда…всушност ова е неправда за целата држава и за нејзината нефункционалност“, револтирана е Ивана Анастасоска, пациентка и претседателка на Асоцијацијата за цистична фиброза.

Институциите цело време се правдаа дека лекот е скап, и дека ги разгледуваат можностите како да се купи. Па така, се најавуваа работни групи, промена на закони, системски решенија, а пациентите добиваа само ветувања.

Цистичната фиброза е генетска болест која ја имаат околу 130 луѓе во земјава. Тешко ги напаѓа белите дробови и панкреасот, и напредува како што минуваат годините. Затоа пациентите се млади, а нивниот животен век краток. Но, ова се промени со новиот лек пронајден пред четири години, кој ги брише симптомите на болеста, па луѓето со цистична фиброза може да живеат како останатите граѓани.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons