Актуелно

СЗО: Луѓето земаат антибиотици кога не треба, тоа ќе доведе до многу умирања

Прекумерната употреба на антибиотици опасно ја поткопува нивната ефикасност и ја зголемува отпорноста, што може да биде одговорно за 10 милиони смртни случаи годишно во светот до 2050 година, предупреди европскиот разгранок на Светската здравствена организација (СЗО).

„Развојот и ширењето на супербактериите се забрзуваат со злоупотреба на антимикробни лекови, што го отежнува ефикасното лекување на инфекциите“, се вели во соопштението на СЗО Европа, која вклучува 53 земји и се протега до Централна Азија.

„Сите земји во нашиот регион имаат регулативи што штитат од злоупотребата на антибиотици… Спроведувањето на овие регулативи ќе ги реши повеќето проблеми со злоупотребата на антибиотици“, истакна Роб Батлер, раководител на одделот за заразни болести. Организацијата на ОН проценува дека, без итна интервенција, отпорноста кон антибиотици може да предизвика до 10 милиони смртни случаи годишно до 2050 година.

Истражувањето спроведено во 14 земји од регионот, лоцирани во Источна Европа и Централна Азија, покажува дека причините наведени како оправдување за земање антибиотици во 24 отсто од случаите се настинка проследена со симптоми на грип (16 отсто), болки во грлото (21 отсто) и кашлица (18 проценти).

„Оваа ситуација е загрижувачка бидејќи овие симптоми често се предизвикани од вируси, против кои антибиотиците не делуваат“, се вели во соопштението. Главен извор на загриженост за здравствените власти се лекарските рецепти.

Според извештајот, третина од луѓето во Македонија, БиХ, Црна Гора, Албанија, Турција, Ерменија, Азербејџан, Белорусија, Грузија, Казахстан, Киргистан, Молдавија, Таџикистан и Узбекистан земаат антибиотици без лекарски рецепт.

Во некои земји, повеќе од 40 отсто од антибиотиците се добиени без лекарско мислење, што е пет пати поголемо од просекот на ЕУ од студијата спроведена во 2022 година. За СЗО влошувањето на економската нееднаквост е уште една опасност бидејќи најмалку образованите луѓе и луѓето со најниски примања се оние што имаат најлоши практики.

Последново „јасно ја демонстрира потребата за образование и свесност“, истакна Батлер. Тој посочува дека еден од проблемите е недовршувањето на антибиотската терапија за да се зачуваат за наредниот пат или споделувањето на овие лекови со болните роднини или соседи.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons