Се бара притвор за Стефан Богоев кој наводно зел поткуп од 1.800 евра, а со уште тројца наместил тендер за чистење гранични премини
Јавен обвинител од ОЈО ГОКК бара притвор за поранешниот директор на Царинската управа и поранешен градоначалник на скопски Карпош, Стефан Богоев, поранешен помошник директор и за уште двајца осомничени кои се товарат дека местеле тендер за чистење на гранични премини и терминали.
Попладнево осомничените беа изведени пред судија на претходна постапка, откако претходно беа во полициската станица Пролет. Обвинителството обезбедило докази дека Богоев зел и мито од околу 1.800 евра.
– Постои основано сомнение дека во периодот од јули 2023 до март 2024 година осомничените ја изиграле постапката за доделување договори за јавна набавка за надворешно одржување на хигиена на гранични премини и терминали, при што преку фаворизирање на одреден економски оператор и ограничување на конкуренцијата му овозможиле на правниот субјект да се стекне со противправна имотна корист во износ од 18.479.692 денари – се вели во соопштението од Обвинителство.
Според доказите, Богоев како директор наводно влијаел врз спроведувањето на тендерската постапка во корист на избраниот понудувач, помошникот директор пак влијаел врз други фирми да учествуват во постапката.
-Во рамките на истрагата се обезбедени докази и за примање и давање награда за противзаконито влијание, при што првоосомничениот примил награда во износ од 111.600 денари за искористување на својата службена положба и реално влијание. Со цел непречено водење на кривичната постапка, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје ќе достави предлог за определување мерка притвор за сите четворица осомничени – додаваат од Обвинителство.
Тие се товарат за Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, Примање награда за противзаконито влијание и Давање награда за противзаконито влијание.
Со соопштение излезе и Управата за финансиска полиција која поднела кривична пријава против лицата.
Според нејзиното соопштение пак, токму вработен во фирма кој неофицијално е партиски активист на СДСМ од Прилеп, всушност го натерал Богоев да го намести тендерот и му дал мито.
– Пријавениот А.С. со искористување на своето реално влијание, општествена положба и углед, барал, интервенирал, поттикнувал и влијаел да се изврши службено дејствие што не смеело да се изврши кај пријавениот С.Б. во својство на директор на Царинската управа, по што во содејство со пријавениот Д.Г., влијаеле кај пријавениот С.М. на кој непосредно му дале, ветиле подарок и корист за него како и посредно за пријавениот С.Б., за да извршат службено дејствие што не би смеело да го извршат, за што пријавениот С.Б., во периодот од мај 2024 година до февруари 2025 година, директно и индиректно побарал и примил подарок и друга корист за себе дел непосредно, а дел посредно преку пријавениот С.М., велат од Финансовата полиција.
По апсењето на Богоев, со поддршка излегоа од матичната партија СДСМ.



