Светското население наскоро ќе биде 8,8 милијарди 

Најновата студија на Римскиот клуб предвидува дека според сегашните трендови, светската популација ќе достигне 8,8 милијарди пред средината на векот, а потоа брзо ќе опадне.

Ова покажува дека одамна стравуваната популациона бомба можеби нема да експлодира, а врвот може да дојде и порано ако владите преземат прогресивни чекори за да ги подигнат просечните приходи и нивото на образование.

Како што се наведува, новите прогнози се добра вест за глобалното опкружување.

Откако ќе се надмине демографската ерупција, притисокот врз природата и климата треба да почне да опаѓа, заедно со придружните општествени и политички тензии.

Меѓутоа, авторите предупредуваат дека само падот на наталитетот нема да ги реши еколошките проблеми на планетата, кои и онака се сериозни на ниво од 7,8 милијарди жители и се предизвикани пред сѐ од прекумерната потрошувачка на богатото малцинство.

Намалувањето на бројот на населението може да создаде и нови проблеми, како што се намалување на работната сила и поголем притисок врз здравствената заштита поврзана со стареењето на општеството.

Еден од авторите на извештајот, Бен Калегари, рече дека наодите биле причина за оптимизам – но дека има „квака“.

„Ова ни дава доказ да веруваме дека популационата бомба нема да експлодира, но сè уште се соочуваме со значителни предизвици од еколошка перспектива“, посочи тој.

Според Калегари, ни треба голем напор за да се справиме со сегашната развојна парадигма на прекумерна потрошувачка и хиперпродукција, кои се поголеми проблеми од населението.

Претходните студии предвидуваа потемна слика.

Минатата година, ОН проценија дека светското население ќе достигне 9,7 милијарди до средината на векот и дека неколку децении потоа ќе продолжи да расте.

Новата проекција, објавена денеска, ја изработи Свет за сите – група водечки еколошки научно-економски институции, меѓу кои и Потсдамскиот институт за истражување на климатските влијанија, Стокхолмскиот центар за отпорност и Норвешката бизнис-школа БИ.

Извештајот се заснова на нова методологија, која вклучува социјални и економски фактори што имаат докажано влијание врз наталитетот, како што се подигнувањето на нивото на образование, особено на жените, и зголемувањето на приходите.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons