Актуелно

Салмонела е причината за труењето во мензата на РЕК Битола

Утврдено е дека салмонела е причината за труењето со храна кај 191 вработен во РЕК Битола, кои на 24 март консумираа лазањи со сос во работничката менза. 

Центарот за јавно здравје ги соопшти резултатите од анализите на земените брисеви од вработените и од работните површини. Кај 24 пациенти лабораториски е потврдено присуство на салмонела од групата Д, кај еден од вработените во кујната е утврдена стафилококна бактерија, а отстапувања има и кај брисевите од површините во кујната.

–Врз основа на клиничката слика и лабораториските наоди, станува збор за појава на салмонелоза. Позитивните наоди од брисевите од работните површини укажуваат на пропусти во примената на хигиенските мерки, но тие не се директно поврзани со појавата на епидемијата и труењето со храна. Причинител најверојатно е бактеријата салмонела, која што е изолирана кај пациентите, изјави директорката на ЦЈЗ Битола, Светлана Поповска-Кљусева.

Кај анализираните мостри од храна не е утврдено присуство на патогени бактерии, но начинот на дистрибуција и консумација на оброкот се смета за клучен фактор, односно во Рудникот Суводол, храната се јаде подоцна, откако ќе им биде доставена на варботените, со што постои можност салмонелата брзо да се размножи

Епидемиолошкото истражување покажува дека сите заболени лица се поврзани со Рудникот, каде храната била дистрибуирана како спакуван оброк и консумирана со временско одложување. За разлика од тоа, кај вработените во Термото нема регистрирани случаи, што се поврзува со тоа што таму храната се консумирала веднаш по подготовката, во контролирани услови, додава Поповска-Кљусева.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons