МакедонијаНајново

Проширена истрагата за висока корупција: Осомничен судија од Апелација, пронајдени 350.000 евра скриени во ѕид

Во рамките на опсежна истрага за сомнежи за висока корупција, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ја прошири постапката и кон судија од Апелацискиот суд во Скопје, осомничен за противправно стекнување и прикривање имот, за кој постојат сомненија дека е прибавен преку корупција и трговија со влијание.

Истрагата била иницирана по настан од 14 декември 2025 година, кога бил осомничен адвокат поради сомнежи за кривично дело – примање награда за противзаконито влијание. Во текот на преземените истражни дејствија, постапката е проширена и кон судијата, поради сомнежи за сериозни коруптивни активности.

Врз основа на наредба обезбедена од надлежен суд, денеска бил извршен детален претрес на локација во Неготино, во домот на родителите на осомничениот судија. При претресот, во соѕидан простор во ѕидот, биле пронајдени 350.000 евра, за кои постои сомнение дека биле незаконски стекнати и прикриени.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека претресот бил извршен од полициски службеници од Одделот за организиран и сериозен криминал, по барање на јавен обвинител и врз основа на наредба од судија на претходна постапка. Во активностите биле вклучени и припадници на Управата за финансиска полиција, а истрагата е поткрепена со информации и известувања од Агенцијата за национална безбедност.

Надлежните институции посочуваат дека станува збор за една од најобемните истраги за сомнежи за висока корупција во државата досега, која опфаќа сложени форми на криминал, злоупотреба на влијание и прикривање незаконски стекнат имот.

Претресите и другите истражни дејствија продолжуваат, а јавноста ќе биде навремено информирана за натамошниот тек на постапката.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons