Преку 2.000 хектари земјоделско земјиште дадени на концесија под сомнителни услови
Отркиени се злоупотребени на повеќе од 2.000 хектари земјоделско земјиште кои државата ги дала под концесија, а инспекторатот ќе ги продолжи контролите за земјиштето да стигне до вистинските земјоделци, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски при денешниот престој во Прилеп.
„Од оние контроли што ги правиме уште од првиот ден на преземањето на Министерството, станува збор за околу 2.000 хектари кои се откриени, но има и злоупотреба на субвенции кои се користеле од државата, биле бесправно доделени. Контролата на инспекторатот за злоупотребата континуирано трае“, рече Трипуновски.
Државата продолжува со распределба под концесија на државното земјоделско земјиште, кое вистинските земјоделци ќе го обработуваат и ќе произведуваат.
„Завршија петте јавни повици кои беа ставени на располагање во декември и во јануари. Веќе се изготвени договорите, се испраќаат кај земјоделците. Нова распределба на земјиштето се очекува во јуни или во јули месец“, рече министерот за земјоделство Цветан Трипуновски денеска во Прилеп.