По советите и препораките од полицијата откажана Парадата на гордоста: Напаѓачот е норвешки државјанин со иранско потекло
Две лица загинаа, а повеќе од 20 се повредени во близина на ноќен клуб популарен меѓу ЛГБТ заедницата во главниот град на Норвешка. Полицијата спроведува истрага поради сомнение за тероризам.
На прес-конференција во саботата, полициски претставници изјавија дека мажот (42 години) кој е уапсен по пукањето во центарот на Осло, во кое загинаа две лица а повредени се 21 лице, од кои 10 потешко, е норвешки државјанин со иранско потекло, кој претходно и бил познат на полицијата, но не и за сериозно кривично дело.
Полицијата не верува дека некое друго лице е вмешано, но соопшти дека го третира инцидентот како терористички напад. Напаѓачот имал две оружја-пиштол и автоматско оружје, кои се запленети, а пребаран му е и станот.
Откажана денешната Парада на гордоста
Во меѓувреме организаторите на собирот на ЛГБТ симпатизерите во Осло ја откажаа годишната Парада на гордодост која требаше да се одржи денеска, а тоа е сторено на совет од полицијата.
Организаторите соопштија дека полицијата ги советувала да ја откажат и парадата и останите случувања.
„Осло Прајд поради тоа ги повикува сите кои планираа да учествуваат или да ја гледаат парадата да не доаѓаат. Сите случувања поврзани со Осло Прајд се откажуваат“, соопштија организаторите на својата страница на Фејсбук.
Премиерот Јонас Гар Стоере на Фејсбук напиша дека „пукањето пред пабот Лондон во Осло е суров и многу шокантен напад врз невини луѓе“. Тој напиша и дека – иако мотивот бил нејасен, пукањето предизвикало страв и тага кај ЛГБТ заедницата. „Сите сме со вас“, напиша премиерот.
Норвешка е релативно безбедна земја, но доживеа смртоносни напади од десничарски екстремисти, вклучително и нападот во 2011 година кога десноекстремистичкиот атентатор Андерс Брејвик уби 69 луѓе на островот Утоја, откако активираше бомба во Осло, во која загинаа осум лица.