Свет

Поради вештачката интелигенција на целиот свет му се заканува недостиг од електрична енергија 

Директорот на најголемиот светски производител на трансформатори бара воведување регулативи кои ќе ги обврзат операторите на центрите за податоци да ги известат енергетските мрежи за ненадејните промени во потрошувачката.

Огромните скокови во потрошувачката на електрична енергија предизвикани од обука на модели на вештачка интелигенција во центри за податоци би можеле да ја загрозат стабилноста на глобалниот енергетски систем, предупреди Андреас Ширенбек, извршен директор на Хитачи Енерџи, во интервју за Фајненшл тајмс.

„На ниту една друга индустрија нема да ѝ биде дозволено да користи електрична енергија на таков непредвидлив начин како секторот за вештачка интелигенција“, рече Ширенбек. Тој посочи дека комбинацијата на овие ненадејни скокови во потрошувачката со непредвидливото снабдување од обновливи извори претставува „нестабилност врз нестабилност“, што сериозно го отежнува стабилното снабдување.

„Центрите за податоци со вештачка интелигенција се многу, многу различни од традиционалните канцелариски центри за податоци, тие забележуваат огромни скокови. Кога алгоритмот за учење е активиран и податоците се внесуваат, потрошувачката на енергија во секунда може да скокне до 10 пати во споредба со нормалното“, изјави Ширенбек.

„Ниту еден индустриски корисник не треба да се однесува вака – ако сакате да отворите леарница, мора однапред да го известите дистрибутерот на енергија“, додаде тој, повикувајќи на воведување слични правила за центрите за вештачка интелигенција.

Иако досега најголемиот дел од разговорите беа за високата вкупна потрошувачка на енергија на центрите за вештачка интелигенција, Ширенбек, поранешниот директор на германската енергетска компанија Унипер, е еден од првите што јавно предупреди за опасноста од големи осцилации во потрошувачката предизвикани од алгоритмите на вештачката интелигенција.

Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) предвидува дека потрошувачката на електрична енергија во центрите за податоци ќе се удвои до 2030 година, на 945 терават-часови годишно, повеќе отколку што моментално троши цела Јапонија. Ирска и Холандија веќе ја ограничија изградбата на нови центри за податоци токму поради оптоварувањето што го создаваат врз мрежата.

Консултантската компанија Ристад Енерџи со седиште во Осло верува дека потрошувачката на центрите за вештачка интелигенција би можела да ја стабилизира мрежата, но само ако технолошките компании однапред ја ограничат максималната потрошувачка и планираат обука на модели во периоди кога има доволно обновлива енергија.

Хитачи Енерџи, формирана во 2020 година со преземањето на одделот за електрични мрежи на „АББ“ за 11 милијарди долари, моментално е во центарот на глобален недостиг на енергетски трансформатори, клучни компоненти што го регулираат напонот во мрежата.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons