Полска подигна борбени авиони и затвори два аеродроми
Полска синоќа ги затвори аеродромите во Лублин и Жешов, поради интензивниот напад на Русија врз Украина со ракети и беспилотни летала и подигна свои и сојузнички борбени авиони, соопшти Оперативната команда на Армијата.
Аеродромите во Лублин на истокот од земјата и во Жешов на југоисток, преку кои речиси целата помош од Запад оди во Украина и е важен логистички центар за НАТО, се затворени.
„Полетаа дежурни борбени авиони, а системот за противвоздушна одбрана и радарските системи се ставени во највисока готовност. Овие мерки се превентивни. Силите и системите се подготвени за итна реакција“, соопшти синоќа Оперативната команда.
Меѓу Полјаците, упадот на околу дваесет руски беспилотни летала длабоко во полскиот воздушен простор во ноќта на 10 септември и последователните инциденти кога руски воени авиони влегоа во воздушниот простор на некои членки на НАТО го зајакнаа верувањето дека војската треба да реагира и да собори руски авиони.
Дури 67 отсто од Полјаците во анкета за информативниот портал Онет.пл бараат да се соборат руските воени авиони кога ќе ја нарушат полската територија, додека само 8,7 отсто сметаат дека нема потреба да се реагира.
Во друга анкета, исто така објавена овој викенд, дури 74 отсто од испитаниците изјавиле дека американскиот претседател Доналд Трамп требало да реагира порешително на упадот на околу дваесет руски беспилотни летала во Полска кон средината на септември.
Јавноста вчера беше дополнително шокирана од украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој рече дека 92 руски беспилотни летала се упатиле кон Полска таа ноќ, но дека украинските сили ги собориле повеќето од нив на нивна територија.
Белорускиот претседател Александар Лукашенко изјави дека некои беспилотни летала влетале во Полска од територијата на Белорусија.
Премиерот Доналд Туск и министерот за надворешни работи Радослав Шикорски најавија дека Полска ќе ги собори руските авиони и беспилотни летала кои ќе навлезат на нејзина територија.
Туск, сепак, нагласи дека одлуката за соборување на авиони ќе биде донесена само ако и сојузниците на НАТО го оценат тоа како закана, а не како грешка или кратка руска провокација.