Половина од граѓаните му дале единица на процесот на обнова на документите 

Најголем дел од граѓаните му дале чиста единица на процесот на обнова на личните документи и патни исправи, покажува последната анкета која за Детектор ја спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.

Според анкетата, 47 отсто од анкетираните рекле дека генерално процесот на промена на документите го оценуваат со најниска можна оценка 1. Оценка 5 овој процес добил само од 5,9 отсто од анкетираните, а средната оценка изнесува 2.

Според граѓаните, главен виновник за лошата организација на овој процес се надлежните институции, односно неподготвеноста на државата. Само 20,6 отсто рекле дека одговорноста ја гледаат во граѓаните бидејќи не аплицирале навремено за документи.

Еден на четири граѓани рекол дека поради проблеми со постапката на обнова на документите морал да откаже веќе планирано патување, додека 66 отсто од анкетираните го немале овој проблем. Најголем проблем при патувањата очекувано имале граѓаните на возраст од 30 до 40 години, каде дури 36,4 отсто од анкетираните морале да откажат патување бидејќи немале пасош.

Во моментов, најмногу граѓани немаат нов пасош, а најголем е бројот на оние кои извадиле нова лична карта.

Па така, 43 отсто од анкетираните сѐ уште не извршиле промена на пасошот. Уште 34 отсто чекаат за промена на лична карта и уште 33 отсто за возачка дозвола. Над 63 отсто од граѓаните веќе имаат нова лична карта, додека 43 отсто имаат нов пасош и уште 43 отсто нова возачка дозвола.

Повеќе од половина од граѓаните воопшто не се обиделе да закажат за нови документи.

Според последното истражување нешто под 53 отсто од анкетираните до сега воопшто не аплицирале, а 43 отсто веќе се пријавиле.

Две третини од граѓаните рекле дека имале тешкотии во процесот на закажување, додека ваков проблем немале нешто над 34 отсто од анкетираните. Очекувано, најголем проблем со закажувањето имале граѓаните кои живеат во Скопје, а најмал во пелагонискиот регион.

Дури 26 отсто од анкетираните сѐ уште не успеале да закажат термин. Околу 31 отсто рекле дека за закажување им биле потребни неколку дена. Околу 20 отсто успеале да закажат термин за неколку часа, а нешто над 20 отсто за помалку од еден час.

Над 80 отсто од граѓаните кои закажале термин, тоа го сториле преку телефон, додека апликацијата на интернет ја користеле само нешто над 15 отсто. Очекувано помладите повеќе користеле онлјан апликации, но тоа не е некој голем процент имајќи предвид дека меѓу најмладите до 30 години, само 21,6 отсто аплицирале преку веб страницата на МВР.

Над 70 отсто од граѓаните сметаат дека рокот кој Владата го остави за промена на документите со новото уставно име согласно Преспанскиот договор бил соодветен, додека во спротивното се убедени 23 отсто од анкетираните.

Анкетата по нарачка на Детектор телефонски ја спроведе Институтот за политички истражувања Скопје врз репрезентативен примерок од 1.101 испитаници во периодот од 18 до 22 февруари годинава.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons