Половина година трае повикот за доградба на автопатот Скопје – Блаце
Повикот за интерес на изведувачи кои ќе ја градат втората фаза од 10,5 километри од автопатот Скопје – Блаце ќе трае најмалку половина година. Јавното претпријатиуе „Државни патишта“ го објави на 13 јули, а рокот за пријавување, како последно, е поместен за 10 јануари 2024.
Од „Државни патишта“ не одговараат дали досега се пријавиле воопшто одредени компании, а од она што го велат за „Фактор“ е тоа дека поместувањата на роковите се на иницијатива на финансиерот – Европската банка за обнова и развој.
„Рокот е продолжен по барање на ЕБОР согласно со нивните потреби. ЈПДП е согласно и мора да ги спроведе во целост нивните барања“, гласи одговорот кој го добивме од јавното претпријатие. На прашањето кога ќе биде избрана и објавена најдобрата понуда, од таму единствено одговорија „Во најбрз можен рок“.
Повикот првично беше отворен до 21 август годинава, а потоа неколку пати се продолжуваше. Објавата е достапна на веб-страницата на Јавното претпријатие за државни патишта и Европската банка за обнова и развој, од која за проектот е обезбеден заем во износ од 167 милиони евра, а 20,8 милиони евра грант се на располагање преку Инвестициската рамка за Западен Балкан.
Автопатот Скопје-Блаце е во вкупна должина од 12,5 километри, а од мај 2020 година на терен се одвиваат активности за првата фаза, во должина од 2,5 километри и требаше да биде готов до август 2021 година и да чини 17 милиони евра. Бидејќи работите не беа завршени, во јануари 2023 година беше потпишан нов договор со скопски „Гранит“, за завршување на изградбата, вреден 11 милиони евра и краен рок до почетокот на 2026 година.
Токму за бавната реализација на првата фаза, познавачите коментираа дека, како што се движат работите, два километри автопат ќе чини вкупно 28 милиони евра, а можеби и повеќе.