НајновоСвет

Политико: Украина ќе добие модерни тенкови од Западот, а сега бара и борбени авиони 

За Украина изнудувањето западни тенкови беше само почетокот. По неколкумесечната расправа меѓу НАТО сојузниците американските тенкови „Амрамс“ и германските „леопарди“ за неколку месеци ќе тргнат кон боиштето, а украинските воени функционери сега го насочуваат фокусот на следниот чекор во своите настојувања – испорака на модерни борбени авиони, пишува Политико.

Разговорите со десетина западни воени функционери и дипломати потврдуваат дека внатрешната расправа за снабдување на Украина со борбени авиони е веќе во тек, а ја поттикнуваат украински функционери со поддршка од лобисти од балтичките држави. „Следниот природен чекор би биле борбените авиони“, кажа за Политико дипломат од северноевропска земја.

Расправата веројатно ќе се покаже уште потешка од кавгата околу испраќањето тенкови. Во Европа повеќе функционери и дипломати кажаа дека нивните влади повеќе не ја сметаат таа идеја за безобразна, но дека стравот од ескалација сè уште постои.

„Тоа е црвената линија“

Вашингтон му кажал на Киев дека доставата на авиони во моментов е невозможна, кажал цитираниот дипломат и додал: „Тоа е црвената линија, но минатото лето имавме црвена линија за ХИМАРС системите па тоа се смени. Тогаш тоа бе тенковите, за и тоа да се смени“.

Висок претставник на една европска сила исто така истакнал дека брзината со која се доставува западното оружје забрзува: „Авионите денес се сосема незамисливи, но дебатата за тоа би можела да биде актуелна за две до три недели“.

Министрите за одбрана на украинските сојузници во февруари би требало да одржат нов самит во американската воена база Рамштајн во југозападна Германија, каде се очекува во фокусот да бидат авионите и воздушната поддршка.

Холандскиот министер за надворешни работи Вопке Хоекстра кажа во холандскиот парламент минатата недела дека неговиот кабинет ќе размисли за испраќање борбени авиони Ф-16, ако Киев ги побара: „Ние сме со отворен ум, нема табуа“.

Ова се случи по неодамнешните коментари на словачкиот министер за надворешни работи Растислав Качер, кој за украински Интерфакс кажа дека неговата влада е спремна на Киев да му предаде ловци МиГ-29 и дека разговарал со партнерите од НАТО и со украинскиот претседател Володимир Зеленски за како тоа да се спроведе.

Високи политичари не ја сакаат оваа идеја

Европските високи политичари генерално се помалку склони на оваа идеја. Германскиот канцелар Олаф Шолц ја исклучи вчера можноста за испорака на борбени авиони, наведувајќи ја потребата да се спречи понатамошна воена ескалација: „Нема да има испорака на борбени авиони на Украина. Тоа и претходно беше дадено до знаење, дури и од американскиот претседател“.

Некои функционери веруваат дека расправата во Рамштајн затоа повеќе ќе биде насочена на изработка на план за непредвидени ситуации, во случај борбените авиони да бидат итно потребни во некој момент во иднина, наместо на постигнување договор за краткорочни испораки.

Европските сојузници на Украина предвидуваат дека конфликтот може да потрае уште три до пет години па и подолго, а постои загриженост дека Западот е блиску до лимитот на она што може да се пружи без предизвикување екстремен одговор од Москва.

На почетокот на минатата година западните сојузници се сложија со непишаната политика на Украина да не ѝ испраќаат сеопфатен пакет на вооружување веднаш по инвазијата, од страв да не се предизвика реакција на Русија, открива трет дипломат.

Страв од нуклеарна војна

Се размислувало дека Западот својата поддршка треба да ја пружа постапно, проценувајќи го рускиот одговор при секој чекор. „Многу земји на Западот мислат дека би дошло до силна руска реакција, вклучувајќи нуклеарна, доколку на Украина ѝ испорачавме цел арсенал кој беше потребен во првата фаза на војната. Тоа може да се нарече процес на постепено навикнување на (рускиот претседател Владимир) Путин“, кажа дипломатот за Политико.

Стратегијата била спор, но стабилен нагорен тренд во поддршката на Западот, од противтенковско оружје „џавелин“ до преносни противвоздушни одбранбени системи „стингер“, до ХИМАРС, а во поново време и ракети земја-воздух „патриот“, тенкови и оклопни возила. Испораката на авиони затоа е само прашање на време, оценил дипломатот.

Западот прво сака да ги исцрпи сите опции

Европските дипломати се согласуваат дека Западот прво сака да ги исцрпи сите други опции за воздушна поддршка, вклучувајќи повеќе јуришни беспилотни летала и евентуално ракети со долг дострел. Вашингтон неодамна одобри испорака на ненаведувани ракети од ерата на Студената војна кои украинската војска би можела да ги лансира од своите „мигови“.

Но, функционерите укажуваат на неодамнешната одлука на САД како доказ дека Вашингтон се подготвува за расправата за авионите. Во јули Претставничкиот дом на американскиот Конгрес одобри 100 милиони долари за обука на украинските пилоти за управување со американски борбени авиони, а во октомври Украина објави дека група од неколку десетици пилоти се избрани за обука на западните борбени авиони.

Во август Колин Кал, американскиот потсекретар за одбранбена политика, им кажа на новинарите дека „не е незамисливо западни авиони во еден момент да ѝ бидат испратени на Украина“.

Јуриј Сак, советник на украинскиот министер за одбрана Олексиј Резников, кажа дека приоритет на Киев е по тенковите да обезбеди млазни авиони и дека изговорите на сојузниците на се ненадминливи. Тој смета дека Западот сега е уверен во потребата од внимателно, но доследно зголемување на софистицираноста на своите воени донации.

Сак вели дека украинските воздушни сили фрлиле око на американските авиони Ф-15 и Ф-16, но се отворени и за други модели. Повеќето Ф-15 и Ф-16 во сопственост на САД се распоредени во други региони, главно во Азија. „Има речиси 50 земји кои во моментов користат Ф-15. Не верувам ни на момент дека Украина не заслужува борбени авиони“, кажа тој.

Сериозен логистички потфат

Меѓутоа, испраќањето авиони би бил сериозен логистички потфат за украинските сојузници. Ф-15 и Ф-16 бараат долги квалитетни писти, што Украина го нема. Експертите велат дека на Русија би ѝ било лесно да го забележи секој обид за изградба на оперативни бази и да ги уништи.

Американските Ф-18 или шведските „грипени“ би биле посоодветни, смета Џастин Бронк, висок научен соработник за воздухопловни сили во британската аналитичка група РУСИ, бидејќи полетуваат од пократки писти и бараат помалку одржување. Но двата млазни ловци се релативно ретки.

Шведскиот министер за одбрана Пал Јонсон кажа за Политико дека Шведска „во моментов нема планови за испраќање „грипени“ на Киев“.

Други борбени авиони, какао француските „рафали“, може да бараат значителен број западни цивили на теренот во Украина за да ги поправаат авионите и да ги спремаат за летови. Тие луѓе автоматски би станале мета на руски напади.

„Сè што испраќаме мора да биде во одбранбени цели, но кога опремата е испорачана, таа е во украински раце. Аргументот дека за одржување на авионите се потребни НАТО офицери на терен во Украина важеше и за „патриотите“. Па сепак ги испратија“, заклучува западен функционер.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons