Пожарите не стивнуваат: Пламените јазици кај месноста Рамно, нов предизвик за скопските пожарникари
Не стивнува опасноста од пожари. Пламените јазици кај месноста Рамно, од денеска нова главоболка на скопските пожарникари. Огнот се шири на територијата на општина Чучер Сандево – каде гори мешана шума. На ова место ситуацијата се влоши на пладне, по што се донесе одлуката сите воздухоплови да се насочат токму на гасење на овој пожар. Од земја го напаѓаат припадници на Армијата, огнените тимови на ДЗС и скопските пожарникари.
Активен е и пожарот кој од косовска територија се префрли на наша страна кај Ѓорче Петров. И утрово мирисот на чад повторно ги вознемири граѓаните од овој дел на Скопје.
Ново огниште денеска избувна и зад зградата на МРТВ. Сувата трева брзо се запалила, а огнот зафатил и дрвја. За кратко време пожарот бил локализиран.
Пожарникарите со огните стихии се борат и во Македонски Брод кај село Белица, во општина Ново Село, Брвеница и во Липково.
Ситуацијата е постабилна на пет локации, каде пожарите се ставени под контрола. Огнените стихии во Струга, Кичево и Сарај кај село Копаница зафатиле нискостеблеста шума и ниска вегетација, додека под контрола е и пожарот на градската депонија во Делчево.
Покрај гаснењето, надлежните работат и на утврдување на причините за избувнувањето на пожарите. Полицијата приведе 38-годишен жител на Македонски Брод, по пријава дека вчера околу 10 часот предизвикал пожар во селото Брезница.
Првата седница од септември ја заокружуваме со 30-тина пожари дневно – доволно силна порака дека опасноста не е мината. Додека екипите остануваат на терен, надлежните повторно апелираат на максимална внимателност. Зашто во вакви услови, една искра е доволна за огнот повторно да излезе од контрола.



