Питагоровата теорема пронајдена на глинена плоча 1.000 години постара од Питагора

Иако Питагора (Πυθαγόρας) бил важна историска личност во развојот на математиката, не бил првиот што ја сфатил равенката која најмногу се поврзува со него (a²+b²=c²).

Всушност, постои древна вавилонска табла (со привлечно име IM 67118, позната и како Db₂-146) која ја користи Питагоровата теорема за да ја реши должината на дијагонала во правоаголник. Плочата, која веројатно се користела за учење датира од 1770 п.н.е., векови пред да се роди Питагора околу 570 п.н.е..

Втората плоча од периодот околу 1800-1600 п.н.е. има квадрат со означени триаголници внатре. Преведувањето на симболите од основата 60, системот за нумерирање што го користеле древните Вавилонци, покажал дека овие древни математичари биле свесни за Питагоровата теорема, како и за другите напредни математички концепти.

„Заклучокот е неизбежен. Вавилонците ја знаеле врската помеѓу долгата дијагонала на квадрат и неговата страна: d=квадратен корен од 2, ова е веројатно првиот број за кој се знае дека е ирационален. Сепак, тоа значи дека биле запознати со Питагоровата теорема – или, во најмала рака, со неговиот посебен случај за дијагоналата на квадрат (d²=a²+a²=2a²) – повеќе од илјада години пред големиот мудрец по кого е именуван“, пишува математичарот Брус Ратнер во труд на оваа тема.

Па зошто му се припишува на Питагора? Ниту еден оригинален запис на Питагора не е зачуван. Она што го знаеме за него го пренеле други, особено питагорејците, членови на училиштето што тој го основал во денешна Јужна Италија. Училиштето, наречено Питагоров полукруг, било таинствено, но знаењето научено или откриено таму било пренесено и често му се припишувало на самиот Питагора.

„Една од причините за реткоста на питагоровите оригинални извори беше тоа што питагоровото знаење усно се пренесувало од една на друга генерација, бидејќи пишаниот материјал бил редок. Освен тоа, поради почит кон нивниот водач, многу од откритијата на питагорејците му се припишувале на самиот Питагора; ова би го објаснило терминот Питагорова теорема“, објасни Ратнер.

Иако Питагора не ја смислил теоријата, неговото училиште секако ја популаризирало и било поврзано со него барем во следните неколку илјади години, пишува IFLScience.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons