Свет

Парламентарна комисија на Франција препорача забрана на социјални мрежи за помладите од 15 години

Извештај на францускиот парламент за Тикток денес препорача забрана на социјалните мрежи за лица под 15 години и воведување „дигитален полициски час“ за лица од 15 до 18 години, во обид да се спречи лошото влијание на здравјето на младите.

Таквата забрана би „испратила сигнал и до децата и до родителите дека социјалните мрежи не се безопасни“ пред 15-годишна возраст, изјави за Франс прес Лор Милер, известувачката на парламентарната истражна комисија.

Комисијата, која беше формирана во март, интервјуирала семејства на жртви, менаџери на социјални медиуми и влијателни лица за да го анализира алгоритамот на Тикток, многу популарната апликација меѓу младите луѓе чиј дизајн „го копираат други социјални мрежи“, кажа Лор Милер.

Комисијата беше формирана по судските постапки против Тикток во Франција на крајот од 2024 година. Тужбата ја поднела група од седум семејства кои ја обвинија социјалната мрежа дека ги изложува децата на содржина што може да ги наведе да извршат самоубиство.

„За нас родителите е комплицирано да го контролираме сето ова“, изјави за Франс прес Џералдин (52), која е една од тужителите во тужбата, под услов да остане анонимна. Во февруари 2024 година, таа ја загубила својата ќерка Пенелопа, која извршила самоубиство на 18-годишна возраст.

По смртта на нејзината ќерка, мајката откри видеа на самоповредување што нејзината ќерка ги објавувала и гледала на Тикток.

Тикток редовно тврди дека безбедноста на младите ја става како свој врвен приоритет.

Извештајот препорачува да се оди дотаму што се забрануваат корисниците под 18 години ако, во рок од три години, социјалните мрежи не ги исполнат своите законски обврски, особено во однос на Европската регулатива за дигитални услуги (DSA).

Неколку земји од Европската Унија, вклучувајќи ги Франција, Шпанија и Грција, неодамна го повикаа Брисел дополнително да го регулира користењето на онлајн платформите за деца, поради загриженоста за нивната зависност, како и опасностите од сајбер малтретирање и ширењето на говор на омраза.

Менаџерите на Тикток, во сопственост на кинеската група Бајтденс, изјавија дека системот за модерација е базиран на вештачка интелигенција, што му овозможило да отстрани 98 отсто од содржината што ги прекршила нејзините услови за користење во Франција минатата година.

Француската комисија изјави дека, сепак, штетната содржина продолжува да се шири, а меѓу другите негативни влијанија се губењето на вниманието и концентрацијата, нарушувањето на спиењето и проблемите со самодовербата.

Што се однесува до лицата на возраст од 15 до 18 години, извештајот предлага воспоставување „дигитален полициски час“ што би ги направил социјалните мрежи недостапни од 22:00 до 8:00 часот наутро.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons