Отешево е рај за дишење, има радон во воздухот и мирис на Јадранското, Јонското и Средоземното Море
Во прегратките на планината Галичица, долж западниот брег на Преспанското крајбрежје, во густа борова шума сместена е Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на белодробни заболувања Отешево. Повеќе од 40 години, илјадници пациенти со респираторни нарушувања уживале во благопријатната клима, каде се вкрстуваат ветровите од Јадранско, Јонско и Средоземно море, но и да го вдишат благопријатното присуство на радон, кој има позитивен ефект врз здравјето на пациентите. Благопријатноста во оваа воздушна бања се чувствува уште во првиот здив. Воздухот е посебен, поразличен, за момент се чуствувате како да сте на некој посебен дел од земјата, во некој рај за дишење. Но, покрај местоположбата, пријатната клима и убавата природа, таму ќе ве пречека стручен медицински тим со насмевка, убав збор и пружена нега.
Во пространиот двор меѓу боровите се издигаат три згради, ресторан за храна на хоспитализираните, еден објект е за физикална медицина и рехабилитација, а другиот е за пулмонална рехабилитација. Капацитетот на двата оддели е 72 легла, но поради реновирањето на едната зграда, овој период работат со помалку хоспитализирани. Со насмевка не пречека Биле, портпаролка во Болницата и за миг поуживаме под боровите во магијата околу нас, зачинета со информации околу работата.
За лекување и рехабилитација на пациентите се грижи тим од осум лекари меѓу кои пулмолог, физијатар и интернисти, како и физиотерапевти, медицински сестри и помошен персонал. Располага со комплетно опремени интернистички оддел, оддел за физикална терапија и лабораторија. Се прават алерготестови, спирометрија, бронхопровокации, гасни анализи…
Основана од доктор Арсе, мисијата за осовременување ја продолжува неговата снаа
Основана од доктор Арсе Гошаревски во далечната 1980 година, изградена на внимателно избрана локација на средна надморска височина без големи варијации во температурата и без никакви аерозагадувачи во близина, меѓу два национални парка Галичица и Пелистер и покрај самиот езерски брег. Местоположбата е неслучајно избрана. Напротив, по подолги истражувања, доктор Гошаревски со тим експерти на ниво на поранешна Југославија подолг период истражувале и геоклиматскиот фактор најмногу пресудил за институцијата да е токму тука на тоа место. Доктор Гошаревски бил на чело на Болницата до 2000 година и ја сметал за негов втор дом.
Аманетот од доктор Арсе денеска го продолжува неговата снаа, Билјана Гошаревска. Во исполнување на мисијата почната од нејзиниот свекор, Биле, која е портпарол во Болницата, со својата посветеност максимално помага во подобрувањето на условите како на пациентите, така и на вработените.