Од четири метарската велешка пита – пастрмајлија каснаа 350 луѓе
На „Велешката питијада 2022“ денеска беше претставена, пресечена и поделена досега најголемата направена пита – пастрмајлија на оваа манифестација, во должина од четири метри. Ја пробаа 350 луѓе.
За 2,5 часа ја подготвија пекарите Александар Миладиновски, Орце Димовски и Лазе Гогинов, а ја испекоа за половина час во фурна на дрва. Во тегнењето на тестото помогнаа и мајсторот пекар Александар Јамалов со двајца негови колеги.
Претходно во 2017 година најголемата џиновска Велешка пита пастрмајлија подготвена од истите мајстори на Пекара „Ќоше” беше долга 3,5 метри .
За џиновската пита Александар Миладиновски, еден од мајсторите, вели дека биле употребени 20 килограми брашно, 30 килограми свинско месо, 210 јајца, 500 грама свинска маст и 400 грама сол, но не ставиле овча пастрма, бидејќи.не секој ја сака, иако е карактеристична за велешката пита пастрмајлија.
„Како и секое тесто беше замесена со вода. Беше направена една џиновска топка од тесто тешка 30 килограми и оставена да нарасне на топло половина час. Потоа ние тројцата пекари од Пекара ‘Ќоше’ и тројцата од фурна на дрва ‘Гемиџии’ заедно ја тегневме топката од тесто за да го направиме обликот на питата, а потоа сите заедно и редевме со месо и јајца и свинска маст, па заедно некако успеавме да ја ставиме во фурната. Се печеше на дрва на тивко половина час и на крајот, за среќа на сите, беше готова. Беше напорно, но секој труд се исплати“, објасни Миладиновски.
Тој најави дека догодина планираат да направат уште подолга џиновска Велешка пита пастрмајлија од 4,20 метри.
Џиновската пита беше веднаш поделена на 350 парчиња на посетителите на манифестацијата. Парите кои беа оставени од посетителите за дегустирање на џиновската пита ќе бидат дадени за хумани цели, најавија организаторите