Од денес нема „гарантирана цена“, можно е поскапување на основните прехранбени производи 

Завршија гарантираните цени. Од денеска трговците ќе можат слободно да ги формираат цените на лебот и печивата, млечните производи, месото, тестенините, брашното, оризот, јајцата, бисквитите и наполитанките.

Дел од граѓаните ни рекоа дека основните продукти се уште се продаваат по старо. Дел, пак, веќе забележале мали поскапувања. Сепак, велат мора да се јаде.

Пазарниот инспекторат најави засилени контроли. Директорот кажа дека е можно цените да одат нагоре, но ги повика трговците ако има можност, да продаваат како и досега.

„Се очекува да се покачат цените, но повикувам на општествена одговорност од страна на трговците на големо и трговците на мало“ – Горан Трајковски, директор на ДПИ

Сепак, пазарниот инспекторат не може да спречи поскапување.

„Ние не можеме да влијаеме на цената. Повикуваме, но не можеме да влијаеме. Ние не можеме да спречиме доколку лебот од 29 денари порасне на 35 денари“ – Горан Трајковски, директор на ДПИ

Од опозицијата тврдат дека не’ очекува нов ценовен шок.

„Во услови кога потрошувачката кошница за едно четиричлено семејство достигна скоро 60.000 денари, пари кои ретко кој ги заработува, власта свесно ќе стимулира нов раст на цените за да го земе и последниот денар од граѓаните “ – Марија Митева, ВМРО-ДПМНЕ

Цените на 25 групи производи беа замрзнати од септември лани до вчера. Две недели откако ги замрзна цените, Владата го зголеми ДДВ-то на илјадници други продукти со образложение дека се луксуз и дека не се здрави.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons