Обвинителство: За Палевски се преземаат истражни дејствија кои во оваа фаза не можат да се споделат со јавноста
По екстрадицијата на Љупчо Палевски-Палчо од Турција во земјава, од републичкото Јавно обвинителство денеска соопштија дека во врска со него се преземаат истражни дејствија кои во оваа фаза од постапката не можат да бидат споделени со јавноста.
Од Обвинителството потсетуваат дека по барање на јавниот обвинител надлежен за случајот на првоосомничениот за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски веќе му е одредена мерка притвор чија примена веднаш стапила во сила по неговата екстрадиција од Турција во земјава.
„Врз основа на меѓународна потерница издадена по наредба на Основното јавно обвинителство Скопје, Република Турција вчера го екстрадираше првиот осомничен за кривичните дела. По барање на јавниот обвинител, за него веќе е определена мерка притвор која веднаш започна да се применува. Во однос на ова лице, јавниот обвинител презема истражни дејствија на прибавување и анализа на докази кои во оваа фаза на постапката не можат да бидат споделени со јавноста“, се наведува во соопштението на Јавното обвинителство.
Во врска со останатите петмина осомничени, од кои тројца се товарат за соизвршителство во тешките кривични дела две грабнувања и две убиства на свиреп начин, еден за помагање при грабнување на малолетно лице и еден за помагање по извршено кривично дело, од Обвинителството велат дека истрагата е во завршна фаза.
Љупчо Палевски-Палчо, по околу пет месеци поминати во притвор во Турција, вчеравечер беше екстрадиран во земјава и веднаш беше спроведен во затворот „Скопје“.