Новогодишните забави ја полнат Токсикологија
Претераа ли граѓаните со предновогодишните прослави? По двегодишната пандемиска пауза, кафаните се полни, но и болничките капацитети за трезнење на пијани. Скопската Брза Помош овој период има зголемен број на повици за алкохолизирани и само во саботата минатиот викенд интервенирале и транспортирале 7 лица на Токсикологија. Лекарите загрижени што алкохолот се повеќе е средство за забава и кај малолетници.
– Има повици за интервенции но и за совети како да се справат со лице кое повеќе консумирало алкохол. Но се јавуваат и родители да се советуваат што да прават со своето дете кое се вратил одома со испено поголема количина алкохол, вели д-р Милица Бубало, раководител на Брза Помош – Скопје.
Од 25 до 40 години е просекот на граѓани кај кои интервенирала Брза Помош поради алкохолизирана состојба. Дали поради економската криза спасот го гледаат во чашката алкохол или пијат повеќе за да бидат главни во друштвото – но кај сите пиењето не влијае исто. Најопасно е ако овие лица потоа возат автомобил.
– Кај некои пиењето предизвикува агресивност, некои паѓаат во бесознание, зависи исто така и дали бил гладен или најаден, сите тие фактори укажуваат како ќе влијае испиената количина алкохол, вели д-р Бубало.
Од Брза Помош немаат податок дали алкохолот е причина, но овој период во вечерните и ноќни часови интервенираат и кај зголемен број на сообраќајни несреќи.