Магазин

Не можете да го „ресетирате“ нервниот систем, но еве како да го намалите стресот

Можеби сте слушнале луѓе како велат дека нивниот нервен систем е „преоптоварен“ или „дисрегулиран“ кога поминуваат низ периоди на зголемен стрес. Или, можеби на социјалните мрежи ви биле понудени начини како да го „исцелите“ или „ресетирате“ нервниот систем. Но, како всушност функционира нервниот систем? И дали навистина може да се „преоптовари“ и потоа да се ресетира?

Автономниот нервен систем ги контролира телесните функции кои не се под наша свесна контрола, како што се работата на органите, регулирањето на телесната температура и емоциите. Тој е поделен на два дела: симпатички и парасимпатички. Симпатичкиот нервен систем ни помага да се справиме со стресни ситуации, активирајќи ги реакциите за преживување – борба, бегство, замрзнување или потчинување. Парасимпатичкиот нервен систем има спротивна улога, односно го враќа телото во нормална состојба по стресот, пишува „Саенс алерт“.

Иако еволутивно сме способни добро да реагираме на краткорочни закани, нашиот систем за одговор на стрес не е ефикасен кога станува збор за хроничните притисоци на современиот живот, како што се обемната работа, финансискиот стрес или долготрајните обврски.

Терминот „преоптоварување на нервниот систем“ не е прецизно дефиниран, но најчесто се користи за да ги опише телесните реакции кога стресот ја надминува нашата способност да се справиме.

Ова може да се случи кога сме изложени на повеќе стресни фактори истовремено или кога немаме време да се опоравиме од еден стрес пред да се појави друг.

Дали ова е современата верзија на „нервен слом“?

„Нервен слом“ е стар, неформален термин без јасна медицинска дефиниција. Порано се користел за состојба во која човекот не може да ги извршува своите секојдневни обврски поради сериозен психолошки проблем.

За разлика од тоа, „преоптоварувањето на нервниот систем“ се опишува поинаку – луѓето можат да функционираат, но се чувствуваат понапнати, почувствителни и потешко се справуваат со секојдневните предизвици.

Зошто овој поим стана толку популарен?

Дисрегулацијата на нервниот систем одамна се поврзува со состојби како посттрауматски стрес. Но, во последните години, особено по пандемијата, овој термин стана дел од популарната култура и самопомошта. Една причина е зголемената свест за биолошката основа на емоциите. Нашите чувства се резултат на физиолошки процеси кои мозокот ги интерпретира. Дополнително, популарност доби и поливагалната теорија, која се обидува да ја објасни улогата на вагусниот нерв во одговорот на стрес. Сепак, оваа теорија неодамна беше оспорена од група експерти.

Постои и тенденција да се гледаат психолошките проблеми како чисто биолошки, наместо како резултат на животни искуства. Користењето медицински термини како „преоптоварен нервен систем“ понекогаш е полесно отколку да се каже дека се чувствуваме преоптоварени. Иако ваквите објаснувања можат да ја намалат стигмата, тие можат да создадат впечаток дека проблемите се трајни и надвор од наша контрола.

Терминот „ресетирање на нервниот систем“ може да сугерира дека нешто сериозно не е во ред со телото, иако осцилациите во благосостојбата се нормален дел од животот. На интернет, „ресетирањето“ се опишува на различни начини – од длабоко дишење и престој во природа, до екстремно скапи велнес-програми.

Иако овие активности можат да бидат корисни, нема научни докази дека тие можат буквално да го „ресетираат“ нервниот систем.

Како навистина да се справиме со стресот?

Наместо да се зборува за „ресетирање“, корисно е стресот да се гледа како хронична состојба што може да се менаџира.

Истражувањата покажуваат дека редовната физичка активност, доволниот сон и здравата исхрана го намалуваат стресот. Практики како внимателност (мајндфулнес) и медитација можат да го намалат нивото на кортизол – хормонот на стрес. Престојот во природа го намалува крвниот притисок и чувството на напнатост, а уметноста – било да е тоа музика, танц или сликање – помага во справувањето со стресот.

Кога стресот е посилен, важно е да се побара стручна помош. Психолозите користат докажани методи за справување со стресот.

За разлика од идејата за „ресетирање“, вистинските промени се постепени и бараат континуиран напор. А најважно е превенцијата, да се направи животот поодржлив пред телото да почне да испраќа сигнали на преоптовареност.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons