Нетанјаху ѝ нареди на израелската армија да изврши „силни“ напади во Газа
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска рече дека ѝ наредил на армијата веднаш да изврши „силни напади“ во Газа, нов тест за кревкото примирје постигнато со посредство на САД.
Наредбата од Нетанјаху доаѓа по зголемените тензии, откако Израел објави дека Хамас пукал врз неговите сили во јужна Газа и откако Хамас вратил останки за кои Израел рече дека му припаѓале на заложник што бил вратен претходно во војната.
Нетанјаху го нарече враќањето „јасно кршење“ на договорот за прекин на огнот, според кој Хамас треба да ги врати сите останки на израелските заложници што е можно поскоро.
Како знак за кревкоста на примирјето, вели АП, денеска во јужниот град Рафа беа застрелани израелски војници, кои возвратија на огнот, според израелски воен функционер што зборувал под услов на анонимност бидејќи сè уште нема официјално соопштение.
Во Газа сè уште има 13 тела на заложници. Хамас денеска соопшти дека го пронашол телото на еден заложник што планира да го предаде вечерва.
Снимател на Асошиејтед прес во Кан Јунис бил сведок како неколку мажи од тунел изнесуваат нешто што изгледало како бела вреќа со тело, меѓу кои биле и неколку маскирани милитанти, а потоа го пренеле во амбулантно возило.



