Свет

Нетанјаху: Израел нема да се повлече од јужен Либан до крајниот рок во понеделник 

Во соопштението од канцеларијата на Нетанјаху се вели дека процесот на повлекување на израелската војска „зависи од распоредувањето на либанската армија во јужен Либан и целосното и ефективно спроведување на договорот“.

Израелската војска нема да го заврши повлекувањето од јужен Либан до крајниот рок во понеделник, соопшти денеска кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху, додавајќи дека Либан целосно не го применил договорот за прекин на огнот.

Договорот, постигнат со посредство на САД и Франција, стави крај на повеќе од една година непријателства меѓу Израел и Хезболах поддржан од Иран. Борбите кулминираа со големата израелска офанзива која расели повеќе од 1,2 милиони луѓе во Либан и сериозно го ослабна Хезболах.

Според договорот, кој стапи на сила на 27 ноември, оружјето и борците на Хезболах мора да се повлечат од областа јужно од реката Литани, а израелските трупи треба да се повлечат додека либанската армија се распоредува во регионот, сето тоа во рок од 60 дена што треба да заврши во понеделник во 4 часот наутро (2 часот по Гринич).

Во соопштението од канцеларијата на Нетанјаху се вели дека процесот на повлекување на израелската војска „зависи од распоредувањето на либанската армија во јужен Либан и целосното и ефективно спроведување на договорот“.

„Бидејќи либанската држава сè уште целосно го нема спроведено договорот за прекин на огнот, процесот на постепено повлекување ќе продолжи, во целосна координација со САД“, се вели во соопштението.

Засега нема коментар од Либан или Хезболах. (МИА)

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons