Нема промени за Македонија, останува хибриден режим

Со непроменета оценка 3,82, исто како и минатата година, Македонија останува во категоријата „хибриден режим“, според извештајот „Држави во транзиција – од слабеење на демократијата до авторитарна агресија“ на Фридом хаус.

Извештајот опфаќа 22 посткомунистички држави од Централна и Источна Европа и поранешниот СССР. Само 6 од овие земји се сметаат за консолидирани демократии, 4 се полуконсолидирани демократии, 8 се консолидирани авторитарни режими и 11 се во „сивата зона“, односно хибридни режими.

Во извештајот се оценува демократското владеење на централната и локална власт, изборниот процес, граѓанското општество, слободата на медиуми, судството, корупцијата.

Просечната оценка на Македонија постојано паѓаше од 2012 до 2017 година. Земјава падна во категоријата „хибриден режим“ во 2013 година. Од 2017 до лани има раст, но во изминатата година има стагнација.

Според извештајот, најдобро оценета држава на Западниот Балкан е Хрватска, па потоа следат Црна Гора, Македонија, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово.

Во однос на извештајот од минатата година, според критериумите на Фридом хаус, Србија назадува и пред нејзе сега се Црна Гора и Македонија. Србија од 2018 година не спаѓа во категоријата демократски држави, односно е меѓу државите со хибриден режим.

Црна Гора, Хрватска и Албанија исто како и Македонија, немаат промена во однос на претходниот извештај, односно стагнираат, и покрај тоа што Хрватска и Црна Гора имаат напредок во одредени области.

Црна Гора остварила напредок во областа на демократското владеење на национално ниво, но има незадоволителни резултати во областа на правосудството.

Косово во 2021 остварило најголем напредок во областа на демократското владеење на национално ниво и правосудството. Не е забележано назадување во ниту една област која се оценува во извештајот на Фридом хаус.

Според извештајот најголем дел од западнобалканските земји и натаму се во категоријата хибридни режими или држави во транзиција, освен Хрватска која е означена како полуконсолидирана демократија.

Како консолидирани демократии се сметаат Естонија, Летонија, Латвија, Чешка, Словачка и Словенија.

Полуконсолидирани се Полска, Романија, Бугарија и Хрватска.

Хибридни режими се Унгарија, Босна и Херцеговина, Србија, Косово, Црна Гора, Македонија, Албанија, Украина, Молдавија, Грузија и Ерменија.

Авторитарни режими се Русија, Белорусија, Казахстан, Азербејџан, Узбекистан, Киргистан, Туркменистан и Таџикистан.

Најголемиот број од овие 22 земји имаат пад на демократијата во споредба со 2012 година. Напредок во изминатата деценија забележале само Косово, Ерменија, Украина и Узбекистан, а Молдавија во 2022 има иста оценка како пред една деценија.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons