Нема влез во Германија ако на пасошите не ви пишува “Северна“
Со македонскиот пасош не може да се влезе во Германија вака коментираат дипломатски извори откако се разви дебата во земјата дали може или не може да се патува низ Европа со старите пасоши. За Германија работата е повеќе од јасна. Таму сакаат да им излезат во пресрет на нашите државјани и затоа е дозволено пасошот да се користи само да идентификација но не и за патување. Односно ако излезат од Германија тогаш нивното враќање назад би било речиси невозможно.
Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски, вчера во изјава за медиумите посочи дека „стариот пасош се употребува во Германија, Швајцарија, Албанија, Косово“. Според него, срамота е што не важи и во земјава заради важечкиот законски пропис, а решението го гледа во менување на Законот за патните исправи.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи кој деновиве прави турнеја по конзулатите во Германија, Швајцарија и Италија, од Берн ја поздрави одлуката на Швајцарија да им дозволи на македонски државјани патување и со старите патни исправи. Османи притоа не прецизира дали мисли на патување со старите пасоши од Швајцарија кон Македонија, или и обратно, со оглед на тоа што досегашната препорака за македонските државјани во странство кои немаат нов пасош беше да си извадат патни листови.
Македонското здружение „Централен совет на Македонците во Германија“ со седиште во Берлин, за време на викендот најави тужба против Македонија, доколку до 23 февруари властите не ја преиначат одлуката за важноста на пасошите со старото уставно име и доколку не се обезбеди побрзо издавање на нови пасоши.
Од здружението велат дека со прогласувањето на важечките пасоши за неважечки, без притоа да се обезбедат доволно капацитети за издавање на нови пасоши, се создале огромни проблеми со кои се прекршуваат човековите права на македонските граѓани. По стапување во сила на одредбите од Преспанскиот договор потпишан со Грција, од 13 февруари се стесни кругот на земји каде што македонските граѓани можат да патуваат со старите документи на кои не и им е истечен рокот, но се отпечатени со старото име на државата. Освен во соседните земји како Косово, Србија, и Албанија каде се дозволува влез со лична карта, во Бугарија и Грција, како и во повеќето европски земји влез е дозволен само со документи со новото име на државата.