На ТЕЦ Неготино ѝ се заканува затворање ако произведува поскапа струја од увезената

Ако ЕСМ ѝ достави на Владата податоци дека производствената цена на ТЕЦ „Неготино” е повисока од увезената цена на електрична енергија, насоката на Владата ќе биде ТЕЦ „Неготино” да не работи и да се увезува електрична енергија која ќе биде поевтина, изјави Бектеши, по денешната средба со тимот од Македонската енергетска асоцијација.

Такви податоци, како што рече министерот Бектеши, моментно немаат добиено од ЕСМ, но вети дека уште денеска ќе исконтактираат со оваа енергетска компанија.

„Секогаш ќе ја одбереме најевтината варијанта. Ќе ги намалиме сите трошоци на електрична енергија од страна на сите енергетски компании со цел да ги намалиме трошоците за граѓаните и за стопанството и на таков начин да влијаеме врз животниот стандард на граѓаните и нашето стопанство да биде поконкурентно“, рече Бектеши.

Она што е значајно, според него, е тоа што после 15 години првпат во јануари имаме над 80 проценти домашно производство на електрична енергија.

„Ова покажува дека сите институции ја завршиле својата работа и дека справувањето со енергетската криза е успешно“, констатира Бектеши.

За повлекувањето на струја од страна на ЕСМ во јануари, Бектеши рече дека повлечени се 820 мегавати електрична енергија, но дека ја немаат точната сума. Фактурата до МЕПСО, како што рече, треба да стигне до крајот на февруари.

Во однос на мерењата за загадувањето на воздухот поради користењето на мазутот за производство на електрична енергија, Бектеши рече дека Министерството за економија не располага со вакви податоци и упати на Министерството за животна средина и просторно планирање и Инспекторатот за животна средина.

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска имаше состанок и со претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски со кој беше договорено да се формира Работна група за доработка на законите во делот на складирање на електричната енергија произведена од обновливи извори на енергија (ОИЕ) во батериски системи и забрзување на процесот со цел да се направи извесност и предвидливост за сите инвеститори во иднина.

Претседателот на МЕА, Кочо Анѓушев истакна дека сите фотоволтаици произведуваат електрична енергија во исто време и 80 отсто од произведената електрична енергија во текот на годината е во периодот од април до септември и од 9:00 до 17:00 часот.

„Затоа не смееме да дозволиме во тој период да има големи вишоци со илјадници мегавати, бидејќи нема да се знае што да се прави со таа енергија. Единствено решение е енергијата да се складира во батериски системи. Тие треба да се опфатат во нашата легислатива во законските и подзаконските акти. Токму на денешниот состанок ја инициравме таа постапка“, рече Анѓушев.

Посочи дека батериите можат да бидат од еден киловат час до 10 за домашна употреба, од 300 до 500 киловат часови за потребите на индустриските објекти, неколку мегават часови за веќе постојни и идно градени производни капацитети за производство на електрична енергија од фотоволтаици или да бидат самостојни батериски системи со стотици мегават часови во кои сите ќе можат да складираат енергија, односно еден вид централа од батерии.

„Транзицијата кон ОИЕ е нашето единствено решение како држава бидејќи немаме други ресурси, но енергетската транзиција треба да се прави организирано за да не стане проблем, туку решение“, посочи Анѓушев.

Претседателот на РКЕ Бислимоски појасни дека во летниот период кога има најголемо производство на електрична енергија од фотоволтаици возможно е во периодот од 9:00 до 17:00 часот да има вишоци на енергија.

„Со цел таа енергија да се искористи рационално потребно е секој кој има фотоволтаици да инсталира батериски системи, а на тоа ќе ги натера и пазарот со цел нивното производно портфолио да биде поконкурентно и со подобра цена. Тоа е најдобар начин да ја складираат енергијата и да ја понудат на пазарот кога ќе нема сонце, односно во ноќните часови“, рече Бислимоски

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons