Нафтата надмина 116 долари за барел 

Цените на нафтата денеска пораснаа трета по ред трговска сесија поради неизвесностите поврзани со глобалното производство, кои се закануваат дополнително да ја затегнат пазарната понуда.

Членовите на нафтената алијанса ОПЕК + треба да се состанат оваа недела за да разговараат за ситуацијата со снабдувањето.

Цената на северноморската нафта од типот „брент“ порасна за 1,18 отсто на 116,5 долари за барел на утринското тргување до 7 часот и 41 минути по локално време, а американската нафта WTI зајакна за 1,02 отсто на 110,8 долари за барел, покажуваат податоците на порталот на нафтата.

Либија има се повеќе проблеми со извозот на „црното злато“ поради влошувањето на политичката криза, додека антивладините протести во Еквадор се закануваат да го прекинат производството во таа поранешна членка на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), пренесува „Блумберг“.

Секое нарушување на снабдувањето може да се прошири како концентрични кругови на глобалниот пазар на нафта, кој, под притисок на силната побарувачка, е поттикнат од економското закрепнување и затегнатите трговски текови од Русија по нејзиниот напад врз Украина.

Некои членки на групата ОПЕК +, која ја сочинуваат земјите од ОПЕК и нивните сојузници на чело со Русија, не ги исполнуваат целите за производство за оваа година, што ја влошува состојбата на пазарот.

Ограничени се и изгледите за дополнително зголемување на понудата на двата клучни производители во ОПЕК, Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија.

Францускиот претседател Емануел Макрон му го пренел на американскиот колега Џо Бајден разговорот што го имал со владетелот на ОАЕ, шеикот Мохамед бин Заједом, кој го информирал дека Емиратите и Саудиска Арабија веќе испумпуваат речиси колку нафта можат.

Министрите на ОПЕК + ќе се состанат во четврток.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons