Наместо во лето, пожарите на отворено годинава најмногу ги има во есен, во септември горело на 597 места
За пет месеци во држава се случиле 1.791 пожар на отворен простор, а до 23 септември во пожарите во Македонија годинава се зафатени 1.554 хектари шумска површина. Она што е интересно во оваа статистика на Центарот за управување со кризи е дека во септември бројот на пожари бил најголем, вкупно 488 до 23 септември. Во јуни таа бројка беше 20, во јули 186, а во август 419. Според дневните извештаи на ЦУК годинава и октомври е месецот со голем број на пожари на отворен простор.
Според информациите во Секторот за операции и координација (СОК) од Центарот за управување со кризи (ЦУК) велат дека како сега да е почеток на сезоната на пожари на отворено, а есента започна и зимата е пред нас.
„Месец октомври го завршивме до дневен биланс од 21 пожар на отворено на 31 октомври – во тек на едно деноноќие, а од вчера месец ноември го започнуваме со 10 пожари на отворено и покрај тоа што температурите, барем ноќе се ниски, има поголема присутност на утринска роса и почнаа локални врнежи дожд. До утрово, активен се уште е само еден – во Општина Студеничани, кај месноста „Мала Река“ во реонот над селото с.Алдинци, на речиси непристапен терен, каде што гори ниска вегетација и мешана шума“, велат од ЦУК.
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, информираше, дека во октомври имало 614, а во септември 597 пожари на отворено, што е за најмалку 200 пожари повеќе од август кога имало 395 пожари и кога вообичаено знаеме дека е пикот на пожарите на отворено.
Инаку, генерално и според досегашните искуства, во септември веќе не би требало да се очекува да ги има во толкав број пожарите на отворено, а во октомври би требало да бидат многу ретки. Во јули оваа година имало 186 пожари на отворено, а во јуни само 20 за цел месец, согласно податоците од Секторот за аналитика во ЦУК. Споредено со бројките од октомври – тоа е помалку и од бројот на пожарите во еден ден, конкретно во последниот ден од месец октомври (31.10.2023), кога имало 21 регистриран пожар на отворено – службено регистрирани пожари што претставувале предмет на интервенција на храбрите пожарникарски тимови и пилоти во државата, а и ангажман и на други институции и служби од Системот за управување со кризи (СУК) во државата.
Од Дирекцијата за заштита и спасување нè информираа дека од јануари до 15 септември трите нивни воздухоплови, т.н. ертрактори, беа ангажирани за гасење на пожари и вежби на територијата на цела држава. Тројцата пилоти за овој период изведоа 58 летови, летаа вкупно 126 часови, а интервенирале 26 пати во гаснење на пожари.
За тоа време имале 211 исфрлања на вода и се исфрлени 512.500 литри вода. Во оовој период потрошени се 31.380 литри гориво.
Од ДЗС напоменуваат дека во пресметките не се земени предвид редовните тренинг летови во текот на овој период.