МакедонијаНајново

Мостот „Љубљанска“ треба да профункционира до крајот на годинава

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска заедно со премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, извршија увид во градежните активности на мостот на „Љубљанска“.

„По години застој, продолжува финалната фаза од поврзувањето на улиците „Љубљанска“ и „Скупи“, со цел до крајот на оваа година мостот да биде ставен во функција на скопјани! За нашиот град, ова поврзување има огромно значење. Нова сообраќајна врска меѓу северниот и западниот дел на Скопје, подобар пристап до Злокуќани, Бардовци и Индустриската зона, побрз и побезбеден излез кон обиколницата и растоварување на булеварите „Партизански одреди“ и „Илинденска“, истакна Ѓорѓиевски.

Тој наведе дека зад сето ова стоело она што им е најважно на граѓаните – помалку време во колони, полесно стигнување до работа и повеќе време со семејството.

„Застојот поради потребното мислење и дозвола од Конзерваторскиот центар за заштита на локалитетот „Скупи“ е надминат. Со сериозна работа и одговорен пристап, дозволата е обезбедена, заштитата на културното наследство е запазена, а градежните активности од денес продолжуваат со засилен интензитет. Градиме современо и целосно сообраќајно решение, со коловоз широк 12 метри и четири сообраќајни ленти, по две во секој правец, на вкупна површина од 5.350 квадратни метри“, посочи градоначалникот.

Од двете страни ќе има пешачки и велосипедски патеки, секоја широка по два метра, со вкупна површина од 3.815 квадратни метри, кои ќе овозможат безбедно и удобно движење за сите учесници во сообраќајот.

Изградени се потпорни ѕидови од двете страни на булеварот, со 2.050 кубни метри бетон, атмосферска канализација во должина од 473 метри и улично осветлување со 40 столбови, за поголема безбедност и прегледност.

Ѓорѓиевски додаде дека паралелно се работи и на изградбата на мега парк на површина од 70.000 квадратни метри во Карпош, со партерно и хортикултурно уредување, пешачки патеки, хидрантска мрежа и урбана опрема.

„Создаваме нов простор за прошетки, рекреација и дружење, а продолжуваат и активностите за расчистување на кејот на Вардар. Скопјани заслужуваат уреден кеј и зеленило во кое ќе уживаат сите генерации“, нагласи тој.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons