Актуелно

МНР објави дека наш државјанин бара евакуација од Нигер, ако има и други да се обратат во амбасадата во Каиро 

Македонски државјанин кој се наоѓа во Нигер побарал помош, a oд Министерството за надворешни работи (МНР)  бараат начин за негова евакуација.

Преку македонската амбасада во Каиро, Египет, Министерството за надворешни работи (МНР) работи на обезбедување евакуација на македонски државјанин кој се наоѓа во Нигер и кој побарал помош. Министерството води интензивни преговори со сојузниците кои имаат свои претставништва во оваа африканска земја, со цел евакуација на македонскиот државјанин.

„Во оваа прилика, ги замолуваме нашите државјани кои се наоѓаат во Нигер, а кои сѐ уште не оставиле свои податоци, да ја контактираат нашата амбасадата во Каиро, со цел доставување на своите податоци, на следниот телефонски број + 202 27 508 501; +201017810085; +201033615542 и е-мејл адреса cairo@mfa.gov.mk“, стои во соопштението на МНР.

Дополнително, од Министерството апелираа граѓаните да избегнуваат патувања во Нигер поради влошената безбедносна ситуација во оваа земја и можноста за нејзина ескалација. За оние кои се на територија на Нигер и имаат можност да ја напуштат земјата, МНР апелира да го сторат тоа веднаш.

„Нашите државјани може да се обратат и до Министерството на дежурниот телефонски број +389 75 273 732 и следната е-меил адреса: globalsos@mfa.gov.mk“, додаваат од МНР.

Соединетите Американски Држави(САД) наредија делумна евакуација на нивната амбасада во Нигер по минатонеделниот државен удар. Американскиот државен секретар Ентони Блинкен минатата недела разговараше со соборениот претседател Мохамед Базума, објави Стејт департментот, додавајќи дека САД се посветени на враќањето на демократски избраната влада.  Американскиот претседател Џо Бајден денеска повика итно да се ослободи нигерискиот претседател Мохамед Базум, кој се наоѓа во воен притвор откако беше изведен пуч минатата недела. 

Меѓувреме стотици странски државјани веќе се евакуирани од земјата. Во неделата демонстрантите ја нападнаа француската амбасада.

Лидерот на пучот, генерал Абдурахаман Чиани вели дека нема да толерира „било какво странско мешање во внатрешните работи“ на земјата.

Нигер е производител на ураниум и се наоѓа на клучна миграциска рута кон Северна Африка и Медитеранот. Државата во која и Франција и САД имаат воени бази, е клучен западен сојузник во борбата против џихадистичкиот екстремизам во Сахел.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons